Министерот за економија Крешник Бектеши и градоначалникот на општина Липково Еркан Арифи, денеска разговарале со жителите на Слупчане, од кои добиле беса (чесен збор) дека нема да ги нападнат екипите на ЕВН и дека тие може да дојдат и да го отстранат дефектот.

– Дефектот во Слупчане ќе се санира за скоро време по добиени гаранции од страна на министерот за економија, кој заедно со градоначалникот на Липково се договориле со мештаните да не ги спречуваат екипите на Електродистрибуција да работат и да започнат со проектот за реконструкција на мрежата и поставување нови мерни системи кои ќе овозможат точно мерење на електрична енергија, информираа од Електродистрибуција.

Синоќа жителите на кумановското село Слупчане со палење гуми на патот го блокираа влезот на екипите на ЕВН, кои неколку месеци се обидуваат да стават ред во наплатата на струја во оваа општина, која е на многу ниско ниво.