Ја намалуваме сивата економија која е штетна за државава, изјави денеска премиерот Зоран Заев, кој заедно со министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски беа во Тетово на отворањето на новиот објект на Државниот пазарен инспекторат.
Ги зајакнуваме капацитетите на вработените, обезбедувајќи им инфраструктура, професионално да ја извршуваат работата, со цел да придонесат во намалување на сивата економија за којашто Инспекторатот како орган е надлежен. Ова е еден од чекорите во создавање услови за ангажирана работа во борбата со сивата економија за која Владата силно се залага со сите релевантни чинители да ја сведе на минимум. Така, не само што ја штитиме конкурентноста, го спречуваме неплаќањето на давачки кон државата, дополнително придонесуваме за заштита на реалното стопанство, на луѓето кои работат, намалување на митото и корупцијата, недозволена прекугранична трговија, како и заштита од употреба на небезбедни производи пуштени во промет на нелегален начин, изјави Заев.
Министерот Бектеши истакна дека една од целите за подобрување бизнис климата во државата е токму намалувањето на сивата економија.
Изминатите неколку години работевме интензивно во оваа насока на повеќе законски решенија. Клучната улога во намалувањето на сивата економија ја има Државниот пазарен инспекторат и во таа насока зголемувањето и зајакнувањето на капацитетите на инспекторатот ќе придонесат за зголемување на контролата на терен. Од почетокот на пандемијата Државниот пазарен инспекторат беше соочен со големи предизвици. Одигра клучна улога во воведување ред и контрола кај трговските и угостителските објекти, пред сè во делот на заштита на населението од пренесување на корона вирусот. Уште од првиот ден на пандемијата донесовме уредби со кој се зајакна контролата во трговските и угостителските објекти за да се намали ширењето на вирусот. Тие уредби потоа преминаа во законски решенија со што се зголеми улогата на инспекторите и кај трговските објекти и кај угостителските објекти. Следната година е предвидено и зголемување на бројот на пазарни инспектори односно зајакнување на капацитетите на оваа институција, изјави Бектеши.
Директорот Пауновски, се заблагодари на Владата за поддршката и рече дека сите работи се завршени за рекордно време.