Тоа видео да се направеше во странство ќе добиевме аплауз, вели министерот за економија Крешник Бектеши во интервјуто за РСЕ што ќе биде емитувано целосно в недела, откако тој беше дел од функционерите кои се снимија во кабинетот на вицепремиерот Артан Груби како играат фудбал и кошарка.
– Јас мислам тоа видео да се направеше во странство, сите ќе аплаудираа, но кон ДУИ се упатуваат сите стрели затоа што е најстабилна политичка партија и затоа има такви реакции за жал. Мене ми е криво што се креира една негативна енергија генерално во општеството заради тоа што такво видео не е во фазла употреба, туку тоа може да се направи во секое работно место. Ние сме колеги и го направивме како антистрес, без да сакаме да пратиме некому порака, рече Бектеши.
Претходно денеска премиерот Димитар Ковачевски одговори дека лично прашање е како некој го организира просторот во својата канцеларија. Премиерот рече дека во кабинетот на Груби дури и амбасадорот од Словачка играл фудбал.
– Јас имам колеги премиери кои што имаат кошеви во канцеларија. Јас немам и никогаш не сум имал, меѓутоа секој може да избере дали ќе има некаков реквизит кој што ќе го искористи во својата канцеларија на минута, 2-3 или пет. Така што тоа е лично прашање за некој како го организирал просторот во својата канцеларија. Дали мене ми пречи или не е ирелевантно, бидејќи доколку јас сакам да го организирам просторот во канцеларијата во која работам на начин на кој сакам, тогаш ќе го организирам. Начинот на кој го организира просторот во својата канцеларија друг човек, е прашање за него, изјави Ковачевски на денешната прес-конференција по повод потпишувањето на договор за изградба на Коридорите 8 и 10д со „Бехел-Енка“.