Тие секогаш со полна уста говорат дека од „наше море“ нема поубаво, потопло и не се откажуваат од него. На „наше море“ на одмор одат во ист период, а никогаш не се заедно и не се сретнуваат. Едниот е секогаш некаде од Бечиќи до Ичиќи, а другиот од Лептокарија до Аспровалта или на Халкидик

Летото спече и веќе нема дилема „да се биде или да не се биде“! Нека прости Шекспир, но сега е актуелна само дилемата – каде? На Сино, Бело или на Црно Море?

А кога сме кај морињата, познавам два основни типа на наши туристи кои на годишен одмор одат исклучиво на „наше море“. Тие секогаш со полна уста говорат дека од „наше море“ нема поубаво, потопло и не се откажуваат од него. Тие двајцата на „наше море“ одат во ист период, а никогаш не се заедно. Едниот е секогаш некаде од Бечиќи до Ичиќи, а другиот од Лептокарија до Аспровалта и на Халкидик, се разбира.

Така е секоја година. По десетина дена се на „наше море“, а потоа цела година полемизираат чие море е понаше. Едниот има аргументи дека „понаше море“ било Синото, а другиот со контрааргументи тврди дека нема понаше море од Белото. Не попуштаат и двајцата.

Ми се стежнува од улогата на олеснувач и од тоа што сум немоќен да помогнам за компромисно решение, па им оставам да се глодаат со носталгијата и бегам на наше море – Охридското! Тоа е дури и „посолено“ од двете спорно „наши мориња“, ама човек мора да се лади со тоа што го има. Во жешко лето и леѓен е добра утеха штом нема поголема водена површина да се брцнат нозете!

Кога станува збор за море, мора да се каже дека досега сите владејачки гарнитури, во самостојна Македонија, се што ветија и изградија, но еве минаа повеќе изборни циклуси, и локални и парламентарни и претседателски, а досега ниту еден лидер и ниту една партија не се сети дека на овој среќен народ му треба барем едно море, ако не повеќе. Никој не им бара природно, среќни ќе бидеме и со вештачко море.

Но, кога нема солена вода, барем солени се цените за одмор и на езерата. Трпејца е синки Сан Тропе, а Пештани со поарни плажи и од Макарска. З`ш да не? Шчо му фалит и на Лагадин?

Во Охридон е се таман, а проблем е само уште еден таксист. Ако се смени тој таксист, Охрид ќе нема ниедна маана. А јас баш кај него налетав пред некоја година и тоа вон сезона. Откако го измолив да ме превези до Плаошник, замислете го убедив попат и муабет да направиме. Сакав да му одоброволам, да му биде по волја муабетот, па сочувствував со него оти вон сезона има помалку муштерии и помалку работа за него. Очекував од таксистот, како типичен претставник на професија која е поврзана со туризмот, носталгично да се присети на летото и дека имал полно такси работа…

Но, таксистот ми се причини малку фалеше, на полпат до Плаошник, да ме слезе од автомобилот поради тоа што ние „госчишчата“ им го реметиме спокојството во туристичкиот центар. Сепак, смогна сили, беше присебен, не ме исфрли од таксито, само ми влепи в лице дека поради нас туристите страдаат охриѓани, оти сме им ги поскапувале пиперките, краставиците, бостанот, но и паштетите, кашкавалот, саламите…

И, таксистот, ме почести со сиктер информација дека многумина, па и тој лично, одвреме-навреме преку Битола оди до Лерин да накупи поевтини продукти. Се почувствував виновник што ете и вонсеозонски дојдов да им го поскапам, и да им го загорчам животот на охриѓани, оти со некој процент, лете, и јас учествувам во поскапувањето на дињите, кромидот, тиквичките…

И ден-денес жалам оти на таксистот не му платив дупло за големата услуга и за љубезноста. Затоа еве користам прилика да му пратам бакшиш еден виц, кој не е тазе, ама е зимзелен:

„Охрид е еден од најубајте градој на Балканот. Овде и природана и воздухон се толку чисти шо дури со години никој немат умрено“- им раскажува туристичкиот водич на групата холандски туристи.

Но, само што го кажа тоа, пред странците се појави погребна поворка.

„А што е ова? – прашува еден турист.

„Умре нашиот гробар!“ – одговори водичот.

„Зошто?“- се зачуди странецот, а водичот веднаш му ја одгатна тајната.

„Како з’ш… Па… умре од глад, з’ш немаше работа!“

Ете некој и од убајни „можит да си умрит“. Бог да го прости гробарот. Умре како технолошки вишок, но остана да живее традиционалната гостољубивост на домаќините во најтуристичкиот центар – гостите да ги доживуваат како зијан!

Димитар Грумар