Како што јагнето се прашува дали има живот по Бајрам, а Фатиме дали има СЈО по Катица, така и комуњарите и нивните директори се во уште потешка дилема: Ќе има ли „живот“ по Заев? Дилемата на промуќурните лукративци е страшна и реална, а прашањето повеќе од логично, барем за нив. Депресија тешка е на повидок. Ќе можат ли биљмезите да прават пари и да местат тендери по заминувањето на Заев од позицијата која и никогаш не му стоеше. Премиер, нели. Знаете, она кога повеќе од половина држава не го сметаше за таков и не можеше ни да го изговори, оти знаеја како дојде до таа позиција. Исто како и Северна… Да, со назнака: „Сите сличности меѓу дејанијата во северотопијскиот филм се неслучајни…“

Љупчо ЦВЕТАНОВСКИ

По многу време, отвораш фрижидер, а Заев не е таму. Убаво чувство, нели…

Неминовното прашање е  – одмораат навистина или скришно подготвуваат стратегија за да се операт од  Ката и Боки, оти следува обелоденувањето на ликот и неделото на Кики, Фрики, Рики, Жаки и компанија? Поверојатно, второто, но како и да е, убаво е кога „премиерот“ популистички  го „немет“ во фрижидерот…

Сепак, дали одмотувањето на клопчето со рекетот, пародијата со Зокиевиот пранк, Рашко дете машко, Курто и Мурто и останатите секојдневни летни глупоштини на синокрвната каста се последните „копрцања“ на комуњарите фатени во сопствената опортунистичка мрежа?

Дали Зоки во Грција и Раца во Скандинавија се „навежбуваа“ за подолг одмор? Па чедото муртинско го тера третиот одмор годинава, зачести ли нешто, се премори ли од веќе од многуте антинационални дејанија? Тешко, „нисмо ми те среќе“, би рекле северните ни соседи. А, искрено, знам и дека многу ви е гајле за уморот му, а и не треба.

Најважно од се’ е дека Македонија, не нивната Северотопија, туку онаа вистинската Македонија, конечно, неколку дена одмара од Зокиевиот лик. И силно ве молиме, не го фаќајте во кадар и не ни праќајте слики како плива црпнато грбно во Егејот, таа слика не ни недостига, ама ич. Остајте не на раат, барем една недела, а десет дена веќе би биле премија.

Мислам дека дури и на истите оние на кои демек толку многу им пречеше Грујовото појавување на екраните (кој, статистички, испадна „екранско“ мало дете, во однос на Зокија) многу им пречат и секојдневните изјави и појавувања на Заев, ама сега, пустите, не смеат да кажат ни зуцнат. Да, оти сега имало демократија, нема криминал, се’ е топ, слобода невидена, економија цвета, човекови права насекаде, абе живот, човече…

А да не беа нивните фејк херои и уште пофејк политичари  на власт и на „Илинденска“, сега ќе немаше место за шатор да ставите пред влада. Сега, шаторите им се на плажа. Во „пријателска“ Грција, по можност. Или, сепак, ај да не се лажеме. Шаторите им се во гаража или шупа, синокрвните не спијат по шатори. Тие се само за итен случај и за доаѓање на власт. Оти, промуќурните се водат од аланфордовската максима „подобро да живееш 100 години како милионер, отколку 10 како клошар…“ Не дека знаат дека е од таму…

Па Македонија и онака не им лежи, а задња, по задача зададена посета на македонски град и онака им беа Крушево и Мечкин Камен, каде од се’ срце на северната идиотштина и се радуваа и громогласно ја извикуваа. Па уште се фалеа дека се таму со лоцирања по антисоцијалните мрежи. Од директорчиња до нововработени портири и наставнички. Оти, мораа да бидат таму. Или од ќеф и силна македонштина во себе заминаа таму за да се издераваат и да ја сквернават светињата македонска? Па уште и  лажеа дека не викале, па медиуми набедуваа и кудеа, цццццц, баш комуњарско-пропагандистички и тоа од нивните најизвикани пера, кои перца кукавичји да ти биле. На страна лажговци.

Во целата идиотска прикаска, само едно ме мачи. Ама многу.

Кх, кх, кх – абе, вкусни ли беа сендвичите? За автобусите знаеме, документирано, ама сендвичи од организаторите каснавте или моравте да се жртвувате и од своите крваво и со шарена „револуција“ стекнати народни пари моравте да издвоите за јадење? Уште побитно, ви даде ли во пакетчето и вода организаторот од Илинденска? Ладна ли беше? И оние „анти-фејк њуз борци“, кои ги најави Зоки, а небулозно или не ќе ги раководи министерот од првата македонска новинарска „Фабрика“, ќе пишат ли и за советниците владини кои при видеа, аудија и лични сведоштва на свои активисти, сендвичарски „потковани“,лажеа и памет продаваа?

За оние што не знаат, американската ни амбасада започна ист таков анти-лажни вести проект многу пред Зоки да го најави. Случајно, ко и се’ во Северотопија, нели…

Башка, оваа нивна борба сигурно ќе има добар ефект. Па, како да нема кога против лажните вести ќе се борат основачите на истата таа дејност во милата ни Македонија? То ти е како кога криминалец лови криминалци. Сите цаки ги знаат, толку пати ги употребиле, што и на сон ќе ви ги кажат. Па токму овие и не така нови дечки ја измислија и отворија новинарската „Фабрика“ уште во Бранково време, кога светот го немаше ни измислено овој фејк-њуз термин. Професионалци, со скоро тридецениско искуство, башка богато и солено наплатено.

Логично е нели, оваа власт, која дојде на власт благодарение на фејк-њуз, сега де се бори против истите?! Или не е? Помалку самоубиствени нагони, ќе речете, но сетете се на 500-те илјади фантоми во Избирачкиот список, кои наеднаш ги снема. А, ви текнува на 600-те илјади иселени млади и нивните патики кои осамнаа пред Илинденска? Ај што сите беа фирми и скапи брендови од синчињата на шареноглавците, но никој не ги облече, ниту се врати назад. Ај и што не беа толку, ама сега кај и да е ќе станат, нели. Аха, а „Фабрика 2“ на Чаушот и лажната афера со личните карти за избори? Упс, што стана со неверојатните 6 милијарди евра кои Грујо ги изнесе од државата? Да, и „бомбата“ за Нешковски, која испадна дека е класична сечи-лепи монтировка.  И редица други, секојдневни новинарски „патки.“ Гебелс да им подзавиди, ама ниту со Катица која ги удави во својата какица, ниту со сите овие лажни афери тие не дојдоа на власт. 2016-та загубија, се сеќавате, па ја смислија (поверојатно им ја смислија де) Тиранската платформа, која беше лага, па во меѓувреме 90 отсто се обистини. Сменија и име, устав, историјата е во тек…

Е сега, истите тие фацички, кои да не беа СЈО и дузината лажни вести лиферувани од нивните „професионални“ медиуми , орно поддржани од десетиците НВО-а, дојдоа на власт (поддршката на ридот е башка), е тие срцки ќе се бореле со лажните вести?! Ќе се борат ли против себе, или сепак, не можат да се победат себеси и сопствените пориви? Едноставно е.  Јок, не можат, лагата е страшна навика…

Се сомневате? Да, економскиот волшебник Зоки најави инвестиции тешки, ни помалку ни повеќе, туку цели 5 милијарди евра! За жал, веќе испробан рецепт на македонско тло, стар точно 21 година, автор Циле, резултатот познат во следната – 1999-та, по која, неминовно, следуваше и 2001-та… Сега милијардата е 5 пати мултиплицирана, само цената на лагата останува непозната…

О, да, клинички центар од 500 милиони евра! Нејсе што ќе не заглават до гуша по банките комерцијални, гарант и никогаш нема да го довршат.

Сигурно, кај и да е, за 100-те километри асфалт што го изгребаа по државата ќе кажат дека изградиле 600 километри нови патишта, или поверојатно 700 км. Море 800, што е сигурно, сигурно е. А во отчетот сигурно ќе ги има и 10 метарскиот мост на скопска Серава, кој го поправаа цели три месеци, а и оној надвозникот на обиколницата кај Кочани, каде едно два-три месеца немаат мрднато ни камен. Ама семафори и гужва има, демек, нешто работат. Луѓе пцујат секаде, возат по изгребани улици и дупки, ама Потемкиновото село на Зокија функционира, топ. Наредба си е наредба, цела држава се гребе…

Да, една година пред парламентарни избори, улици шминкаат и ленти цртаат. Почна подготовката за нов мандат на Зокија, оти без него, докажано, за неговите нема „живот.“ Башка, имаат сериозни проблеми, оти дури и „излажаните“ т.е. невработени или неунапредени  шареноглави, сфатија дека лажат. На страна што толку многу време им требаше. Да, крајно време е да почнат да пијат повеќе млеко, а помалку нафта…

А одморот на Зокија, нека ви послужи како пример, колку е убаво без него, макар на екраните. Фер, за да не ни фали толку, страната контра јужната ја верглаат неговите пуленчиња, да не заборавиме со какви дилајли си имаме работа.  Така, кога некогаш (по уште многу нашминкани и изгребани улици и стотици големи лаги спакувани во луди ветувања) ќе се охрабрат за избори, само сетете се колку ви било убаво додека еден „премиер“ бил на одмор.

Ајде, за промена, бидете слонови, паметете го лошото и не се водете од аланфордовската логика – да бегаме, тие се двајца, а ние сами.

И испратете го на еден подолг политички одмор.

И не дај Боже, ова со карташкото „исчезнување“ на придавката пред Македонски Брод и Македонска Каменица да ви беше некое опипување на пулсот… Оти, дефинитивно, подобро е да издадеш книга, отколку татковината…