Димитар Грумар

Кога ќе се судрат традиционалното и модерното, на 14 февруари, секоја година се опиваме со компромисни коктели од љубов и вино. Така ќе биде и годинава, како и лани и оломнани. Така е од времето кога едноумието беше заменето со повеќеумие и стана мода два светци, еден од православниот, а друг од католичкиот свет да делат ист ден за славење.

Традиционално во Македонија е на овој датум да се слави свети Трифун, за да родат поголеми гроздови лозјата и лозниците кои ги имало речиси околу секоја селска куќа, но и во градските. Тие имале повеќекратна улога: лозниците служеле како украсно зеленило на куќите, лете биле сонцобрани под кои се седело, а наесен извор за ново вино или сладок десерт за тие што повеќе сакаат грозје во чинија отколку во шише.

Но, новото време, почна да ни наметнува уште еден светец. Особено кај младите, почна да се промовира свети Валентин, како олицетворение на љубовта. Тој светец нема корени во нашата традиција, но од година во година има се побујна вегетација и во нашето поднебје. Светиот комерцијализам и светата потрошувачка во светот и кај нас ни го нудат во разни пакувања како меѓународен ден на љубовта и вљубените. А во суштина како празник на се што може да се спакува во форма на срце или друг вид производ со некаква содржина која означува љубов.

Секако, никогаш и никој не треба да има ништо против љубовта, против светците на другите вери и против се што луѓето ги зближува. Тоа е нецивилизациски, зашто одлика на човекот е да го почитува и туѓото. Но, притоа, сјајот на модерното не треба да заслепи, па во сенка да се фрла традиционалното, односно љубовта кон туѓото да не биде на штета на љубовта кон своето. Зашто, колку и да се послатки туѓите чоколадни срца и овошје, не треба да заборавиме дека нашата почва е благословена да раѓа гроздови и јаболка, а не урми и авокадо.

Кога ќе се споредат имињата Трифун и Валентин, денес, помодерно звучи Валентин, а Трифун постаромодно. Дури за да биде уште попримамлив често Валентин се користи со англискиот изговор Валентајн, па тоа за приврзаниците на модерното звучи уште помодерно и попримамливо.

Еден друг датум од нашата поблиска историја, во кој имало сличен „судир“ на традиционалното и модерното, на домашното и наметнатото, како меѓу свети Трифун и свети Валентин, е 4 мај. Сите што го паметат овој датум пред 1980 година знаат дека тој ден ни беше врежан како ден на кој е загинат Гоце Делчев. И до 4 мај 1980 година, на овој ден, борецот кој го дал животот за слободна и независна Македонија беше во ударните вести, на насловните страници во весниците, прв во календарот на настани од минатото… Но, од 1980 година, традицијата беше нарушена. Од тогаш традиционалниот простор на Гоце Делчев, на 4 мај, го зазеде смртта на претседателот на СФРЈ, Јосип Броз Тито. Според тогашната комунистичка религија, смртта на доживотниот претседател, на 88-годишна возраст, стана поважна од загинувањето на 31-годишниот војвода. Но, оваа мода траеше колку и комунистичката религија. Откако таа мина Гоце Делчев повторно беше вратен на традиционалното место што го имаше во весниците, на телевизиите и во календарите со наши светли, односно црни, датуми кои ги одбележуваме.

На датумите 14 февруари и 4 мај заедничко им е уште нешто – нивната комерцијализација. Како што сега е модерно 14 февруари да се користи како погоден ден во љубовен целофан да се пакуваат и да се продаваат разни производи во чест на свети Валентин, така на 4 мај комунистичката индустрија пакуваше и продаваше љубов кон Тито. Така на сметка на модерното (светите Тито и Валентин) во сенка паѓа(ше) традиционалното (светите Гоце и Трифун).

Од љубовта не смееме да се откажеме, не само на 14 февруари туку во сите останати денови од годината. Зашто таа не прави среќни и не прави луѓе. Но, љубовта кон модерното не треба да ја згаснува љубовта кон традиционалното. Треба да ги сакаме и почитуваме другите, а за да не сакаат и почитуваат и тие да не глумиме Американци од Зрзе, Италијанци од Козле, Англичани од Оризари, Германци од Агино Село…

Зашто и лошите оригинали се повредни од најдобрите копии.