Во октомври, САД ќе ја почнат летачката обука на украинските пилоти на борбените авиони Ф-16,соопшти Пентагон.
Бригадниот генерал и портпарол на Пентагон, Пет Рајдер, изјави дека обуката ќе почне откако украинските пилоти во септември ќе завршат курс по англиски јазик, што ќе се одржи во Аризона, пренесуваат британските медиуми.
За почетокот на обуката на украинските пилоти за летање со борбени авиони Ф-16 ноќеска разговарале и американскиот претседател Џо Бајден и неговиот украински колега Володимир Зеленски, соопшти Белата куќа, пренесуваат британските меидуми.
Бајден и Зеленски разговараа и за забрзано одобрување од други земји за префрлање на нивните борбени авиони Ф-16 во Украина, додаде Белата куќа.
На крајот на минатата недела, Данска и Холандија ветија дека ќе ѝ донираат авиони Ф-16 на Украина, а денеска истото го направи и норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе.
Данска почна со обуката на осум украински пилоти за летање со Ф-16.
Украина постојано ги повика своите западни сојузници да ги достават авионите Ф-16, за кои украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека ќе сигнализира дека руската инвазија ќе заврши со пораз.
Претходно, неименуван американски официјален претставник изјави дека САД одобриле испраќање борбени авиони Ф-16 во Украина од Данска и Холандија веднаш штом заврши обуката на пилоти.
Американските суперсонични ловци Ф-16 се опремени со топ од 20 милиметри и можат да носат бомби, ракети и други проектили.