Американскиот претседател Џо Бајден ќе ја посети Канада подоцна овој месец, соопшти Белата куќа.
Шефот на американската држава ќе зборува пред Парламентот и ќе се сретне со канадскиот премиер Џастин Трудо.
Клучна точка на неговата агенда во Канада ќе биде модернизацијата на северноамериканската воздушна команда НОРАД, која го надгледува небото над континентот.
Прес секретарот на Белата куќа Карин Жан-Пјер рече дека првата дама Џил Бајден ќе патува со Бајден. Двајцата ќе бидат во Отава на 23 и 24 март.
Жан-Пјер нагласи дека патувањето ќе ја потврди посветеноста на САД на партнерството со Канада и „да ја промовира заедничката безбедност, заедничкиот просперитет и заедничките вредности“.
Бајден и Трудо планираат да разговараат за тековната војна во Украина, зајакнување на синџирите за снабдување и поддршка за чиста енергија. На дневен ред се и нестабилноста на Хаити и миграцијата низ регионот.
Главните приоритети за Канада во разговорите со Бајден се гаранциите дека САД нема да воведат протекционистички трговски мерки, предизвиците поврзани со миграцијата преку границата и поддршката за Украина.