Белата куќа синоќа соопшти дека е против истрагата на Меѓународниот кривичен суд (МКС) за акциите на Израел во Појасот Газа, јави ДПА.
Портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер рече дека Вашингтон „не ги поддржува“ истрагите нагласувајќи дека „не верува дека тие имаат јурисдикција“.
Новинарите неколку пати ја прашаа Жан-Пјер дали евентуално издавање налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и други израелски официјални лица може да ги торпедира разговорите за прекин на огнот во Газа. Но, портпаролката одби подетално да ја коментира темата.
Израелските медиуми претходно јавија дека Нетанјаху стравува дека главниот обвинител на МКС, Карим Кан, оваа недела би можел да издаде меѓународни потерници за него, министерот за одбрана Јоав Галант и началникот на Генералштабот Херзи Халеви.
Од 2021 година, судот во Хаг ги истражува израелските одбранбени сили и палестинската терористичка организација Хамас за наводни воени злосторства на палестинските територии – Појасот Газа, окупираниот Западен Брег и Источен Ерусалим.
Во 2021 година судот пресуди дека има јурисдикција над палестинските територии окупирани по 1967 година – Западниот Брег и Појасот Газа. Сепак, ниту САД ниту Израел не го признаваат судот, забележува ДПА.
Во моментов во тек е истрага и за акти на насилство извршени од израелски доселеници на Западниот Брег.
Налог за апсење на Нетанјаху и други израелски граѓани издаден од МКС би значело дека државите што го потпишале статутот на судот ќе бидат обврзани да ги уапсат тие лица и да ги префрлат во Хаг под услов да се на нивна територија.
Фото: МИА архива