Од серијата финансиски и економски мерки за поддршка за последиците од кризата со коронавирусот експлицитно ќе бидат исклучени фирмите кои имаат некаква врска со даночен рај, јави дописничката на МИА во Брисел.

Вака гласи предлог-законот кој ќе биде дебатиран денеска во парламентот, министерот за финансии Александар Де Кро, смета дека на фирмите кои се поврзани со даночен рај не смее да им биде овозможено да го одложат плаќањето на данокот на добивка, како што ќе биде случај за другите компании во земјата.

Министерот оцени дека јавната помош која ќе им се обезбедува на фирмите треба да биде условена со етички принципи, не само строго финансиски.

За да добијат помош од државата, приватните компании во Белгија не смеат да доделат дивиденди оваа година, не смеат да купуваат сопствени акции и не смеат да го намалат капиталот, стои во предлог законот на власта.

Компаниите кои на било кој начин се поврзани со даночен рај, преку акционер или филијала, ќе бидат исклучени од механизмот за државна поддршка.

Повеќе други земји на ЕУ почнаа да воведуваат слични услови.