Претседателката на Генералното собрание на Обединетите нации, Аналена Бербок, повика на итни и длабоки реформи на Светската организација, оценувајќи дека таа останува незаменлива и покрај зголемените критики и геополитички тензии.
„Реформите одамна се задоцнети. Но, ниту еден ден на овој свет не би бил подобар без Обединетите нации“, изјави Бербок во интервјуто за германската агенција ДПА.
Таа нагласи дека Обединетите нации и покрај слабостите остануваат единствениот глобален форум во кој сите 193 членки имаат еднаков глас, нагласувајќи дека „нема алтернатива на Обединетите нации“.
Бербок оцени дека напорите за реформи често се блокирани од политички судири меѓу државите, при што дел од нив не се демократии и немаат традиција на компромис. „Деновите кога се можеше да се реши со консензус и пријателска дипломатија се завршени“, вели таа.
Таа повика земјите-членки да ги бранат Повелбата на ОН и меѓународното право, предупредувајќи дека секој пропуст во таа насока ја ослабува Организацијата.
Изјавите доаѓаат во пресрет на гласањето во Генералното собрание за нови непостојани членки во Советот за безбедност на ОН, при што Бербок оцени дека влезот во тоа тело во актуелните услови не е лесна задача.
Таа го опиша Советот за безбедност како клучна институција за одржување на меѓународниот мир и безбедност, посочувајќи притоа на глобални предизвици како што е Ормуската Теснина која е од клучно значење за светското снабдување со енергија.
Бербок повика и постојаните членки на Советот за безбедност – САД, Русија, Кина, Обединето Кралство и Франција – да го почитуваат меѓународното право.




