Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека се надева оти договореното примирје меѓу Израел и Хезболах ќе биде долгорочно, па дури и „за вечност“.

Во објава на социјалната мрежа „Truth Social“, Трамп наведе дека разговарал со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху при што побарал да не покренува голема воена операција во главниот град на Либан.

Тој тврди дека израелските сили веќе ги откажале планираните активности за влез во Бејрут, а дел од единиците биле вратени назад.

Трамп исто така наведе дека преку посредници разговарал со претставници на Хезболах, при што, според неговите тврдења, двете страни се согласиле да престанат со меѓусебното гранатирање.

„Да видиме колку ќе трае тоа, се надевам – за вечност“, напиша тој.

Американскиот претседател додаде дека со забрзано темпо се одвиваат и преговорите со Иран.

Израелските медиуми претходно соопштија дека имало телефонски разговор меѓу Трамп и Нетанјаху, но без да се наведат детали.