Министерството за надворешни работи во Тирана, попладнево индиректно ги отфрли информациите дека е финализиран договорот со Грција за морската границата, соопштувајќи го текот на последната рунда разговори.
Како и за претходните средби и овојпат содржината на соопштението е кратка. Се истакнува дека „средбата во Атина на преговарачките групи беше конструктивна и се одржа во позитивна, пријателска и работна клима“ и дека „преговарачките групи ќе продолжат да работат за да се најде трајно решение и во интерес на двете страни“.
За третаата рунда разговори пред неколку дена информираше албанскиот министер за надворешни работи, Дитмир Бушати, кој рече дека разговорите со Грција за договорот за дефинирање на поморската граница со Грција се наоѓаат на точка каде што постојат сите можности за изнаоѓање заедничко решение.
– Од анализите што ги направивме за овој процес можеме да кажеме дека сме на пат од кој нема враќање и се надеваме дека во блиска иднина ќе го финализираме овој договор, што не е единствената точка, како што кажав во пакетот што го имаме на преговараме и со грчката страна, бидејќи пакетот е многу поширок од овој договор, наведе Бушати посочувајќи дека „на двете страни им треба време за да се постигне прифатлив, фер и спроведлив договор“.
Официјалните разговори меѓу двете страни почнаа на крајот од април, по долгиот процес помеѓу претседателот на Албанија Илир Мета и Министерството за надворешни работи, за добивање овластување за преговори од шефот на државата.
Претходниот договор од 2009 година, кој го потпишаа тогашните шефови на дипломатиите Љуљзим Баша и Дора Бакојани, во присуство на премиерите Сали Бериша и Костас Караманлис, беше укинат од страна на Уставниот суд во 2010 година, бидејќи беше утврдено дека ги прекршува уставите и меѓународните конвенции.
Експертите од оваа област тврдеа дека Бериша на Грција „и подарил“ над 200 квадратни километри морска територија, што и припаѓала на Албанија, каде се смета дека има големи наоѓалишта на нафта и гас.
Бериша обвинувајќи го актуелниот премиер Еди Рама за национално предавство, му порача дека доколку ја потпише спогодбата со Грција за новите граници „тоа може да доведе до балканска војна“.
– Имаме информации дека спогодбата е погубна за Албанија. Текстот е подготвен од страна на Грција која ставила до знаење дека нема да преговара. Ова што го подготвува Рама е нова поделба на албанските простори по што може да се предизвика конфликт. Договорот е на штета на Албанија и значи губење на нови простори по 1913 година, истакна Бериша.
И доколку би се постигнал договорот и ратификувал во албанскиот Парламент потпис треба да даде шефот на државата, Илир Мета. Тој пак прашан деновиве дали ќе го потпише договорот кој, како што јавија грчките медиуми е веќе финализиран, рече дека ќе дејствува според неговите уставни надлежности.