Поранешниот албански претседател и премиер, и екс лидер на Демократската партија Сали Бериша, по неколкуденевен молок конечно му одговори на тешките обвинувања  кои му ги упати косовскиот претседател Хашим Тачи, велејќи дека „Тачи настојува да си го исчисти лицето“.

– Нема поголема мизерија од обидот да го исчистиш сопственото лице со остатоците од белградската кујна. Ова е единствениот одговор што го имам, изјави Бериша за Радио-телевизија Дукаѓини.

Пред три дена коментирајќи ја изјавата на Тачи за промена на гранциите и размена на територии меѓу Косово и Србија, Бериша изјави дека е против таква идеја. Тој додаде дека дека не треба Прешевската Долина да се користи за „трговија меѓу двете земји“ а уште помалку да се чепкаат границите на Косово, меѓународно признати од 115 држави.

На ова му возврати Тачи, кој му порача на Бериша дека на Косово не му се потребни совети од некој кој му помагал на Слободан Милошевиќ, со продавање нафта во периодот кога тогашна Југославија беше под меѓународни сакнции, а за возврат на тоа ги полнел џебовите.

Тачи отиде уште понатаму и рече дека совети не му се потрени од некој кој го засолнил Осама бин Ладен, убиецот на светската цивилизација и  Аркан, убиецот на Албанците на Косово, а го уапсил Адем Јашари и други команданти на ОВК.