Поранешниот италијански премиер и лидер на партијата Форца Италија, Силвио Берлускони, имал „долг и срдечен телефонски разговор“ со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, со цел да се избегне исклучување на Орбановата Фидес од Европските народни партии (ЕПП)“.
– Форца Италија нема да гласа за твое исклучување. Секогаш те бранев и секогаш ќе бидам со тебе. Но, барам да прифатиш некои од барањата кои ги истакна ЕПП, му рекол Берлускони на Орбан, објави агенцијата Анса.
Во сооопштението на Форца Италија се наведува дека Берлускони изразил длабоко убедување дека исклучувањето на Фидес претставува „голема политичка грешка“ и да „интервенира во врвот на ЕПП и кај Орбан за да се постигне заедничко и позитивно решение за останок на Орбан во големото семејство на ЕПП“.
Се наведува дека Орбан во разговорот со Берлускони „ја потврдил волјата (Фидес) да остане дел од ЕПП“.
Лидерот на ЕПП и водечки кандидат за претседател на Европската комисија, Манфред Вебер претходно изјави дека останува на Орбан да одлучи во која политичка група во Европскиот парламент, во иднина, сака да биде неговата партија Фидес.
Агенцијата Ројтерс пренесува дека Вебер тоа го изјавил откако Орбан за унагрското радио изјави дека Фидес може да истапи од ЕПП.
Орбан рече дека во Фидес на 20 март ќе биде разговарано за ова прашање.
Вебер во четвртокот побара од Фидес да ги отсрани плакатите на кои се напаѓа претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер.
Унгарската влада објави во четвртокот дека Унгарија ќе ги замени предизборните плакати поради кои ЕПП се закани дека ќе ја исклучи владејачката партија Фидес од своите редови.
Шефот на кабинетот на унгарскиот премиер, Гергел Гулас, рече дека плакатите ќе видат заменети идната недела со други, на кои ќе бидат Орбановите планови за поттикнување на наталитетот.
Унгарија својата кампања за евроизборите ја темели на противење за имиграцијата па постави плакати на кои се обвинува Јункер и Џорџ Сорос дека планираат да ја уништат европската цивилизација со доселување на голем број на муслимани.
Вебер ја поздрави објавата на Будимпешта дека ќе ги замени плакатите.
– Добар знак е тргнувањето на плакатите, што беше едно од барањата кои ги поставив оваа недела, рече Вебер.
Унгарската владејачка партија во средата, пак, го одби ултиматумот на Вебер да ја прекине кампањата против ЕУ, да им се извини на колегите од ЕПП и да дозволи Средноевропскиот универзитет на Џорџ Сорос да остане во Будимпешта.
Лидерот на најголемата група во ЕП рече во вторникот дека унгарскиот премиер мора да се извини поради критиките на сметка на ЕУ или неговата партија Фидес ќе биде исклучена од ЕПП.
Орбан пред десетина дена предизвика бурни реакции, кога почна кампањата против Јункер, кој исто така, е член на ЕПП, обвинувајќи го Брисел дека ја поддржува имиграцијата, мошне чувствителна тема во Унгарија.
– Орбан мора веднаш и трајно да ја прекине антибриселската кампања на својата влада, порача Вебер.
Тој изјави дека последните недели „Орбан и неговата Фидес ги преминаа црвените линии“.
Орбан ја прекина кампањата против Јункер и во неделата истакна дека „исклучувањето не е рационална опција“. И рече дека тие што бараат исклучување на Фидес се „корисни идиоти“, кои им одат во прилог на левичарските противници на ЕПП.