Предлог-законот со кој на Македонија ќе и се овозможи пристап до 530 милиони евра средства од Инструментот за претпазливост и ликвидност на ММФ денеска доби поддршка во собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Предложеното законско решение пред членовите на Комисиајта го образложи министерот за финансии Фатмир Бесими, а пристапот на земјата да користи средства од Инструментот за претпазливост и ликвидност е потврда од страна на ММФ за спроведувањето на здрави политики.

– Обезбедувањето средства преку овој Инструмент е дел од стремежите на Владата на РС Македонија и Министерството за финансии, во овие услови на криза кога на пазарите на капитал се високи цените, да се обезбеди финансирање по најповолни услови. Со Законот е предвидено РС Македонија да има пристап до 530 милиони евра, од кои до крајот на годината треба да се повлечат 110 милиони евра, а наредната 155 милиони евра. Тоа се средства потребни за справување со последиците од енергетската криза и поддршка на граѓаните и стопанството кои се најпотребни во претстојната зима, кажа Бесими.

Министерот потенцира дека Инструментот за претпазливост и ликвидност е воспоставен во 2011 година и е наменет за земјите членки на Меѓународниот монетарен фонд – ММФ со здрави основи и политики и докажана практика за имплементација на политиките и кои во даден момент може да имаат и потреба од финансирање заради одредени ризици што би можеле да доведат до таква потреба. Целта, како што додаде министерот, на оваа кредитна линија е да обезбеди ефективна заштита од криза за оние земји членки на ММФ кои имаат здрави економски основи, односно политики.

– За да може една земја да се квалификува да го користи овој Инструмент е да има да има здрави економски основи и институционални рамки на политики; да имплементира и да има докажана практика на имплементирање на здрави политики; и да остане посветена на одржување на таквите здрави политики во иднина“, вели тој.

Според министерот целите за кои се наменети средствата и условите под кои се обезбедуваат се аргумент за да биде поддржано ова законско решение и средствата да може да станат достапни на земјата која се соочува со голем шок предизвикан од глобалната енергетска и ценовна криза.

– Одборот на ММФ средствата треба да ги одоби до крајот на овој месец. Предвидено е да се користат во наредните 24 месеци. Рокот на отплата на средствата што ќе се повлечат е утврден на три години и три месеци од повлекување на износот од средствата. Каматната стапка по која се обезбедуваат средствата во овој момент изнесува од 3,66 до 4,66 %. Ова е само еден од начините на кој оваа година се обезбеди финансирањето на буџетскиот дефицит. Моделот кој се примени од страна на Министерството за финансии и Владата овозможи заштеда само по основ на камата од 40 милиони евра годишно, кажа министерот.