Министерот за финансии Фатмир Бесими во текот на вчерашната посета на Европската комисија разговараше за економската состојба во Македонија и глобалната економска криза, за која придонесува руско-украинскиот конфликт, јави дописничката на МИА од Брисел.

Енергетската криза, која силно ја погоди Европа и последните месеци не ја одмина ни Македонија, беше една од клучните теми на средбите на министерот за финансии Фатмир Бесими во Брисел со еврокомесарите за економија Паоло Џентилони, за проширување, Оливер Вархеји и за буџетот на ЕУ, Јоханес Хан.

Во изјава за МИА, Бесими објасни дека на своите соговорници им ги презентирал мерките на Владата за ублажување на енергетската криза во земјава, посочувајќи дека се издвоени околу 5,2 милијарди кон крајот на 2021 година и исто толку и во текот на 2022 година за ЕСМ.

– Потоа имаме намалено ДДВ за домаќинствата минатата година од 18 на 5 отсто до јули, потоа станува 10 проценти, па наредната година ќе се врати на 18 отсто. И тоа сѐ има фискални импликации. Потоа програмата за поддршка на социјално загрозените домаќинства по 1000 денари месечно, околу 35 илјади домаќинства. И програмата за енергетска сиромаштија донесени од страна на Владата за време на енергетската криза. Како и дополнителниот трошок што го прави енергетската криза во приватниот сектор поради високите цени, рече Бесими.

Тој понатаму истакна дека се зема предвид и геополитичката неизвесност.

– Кажано е дека функционираме во рамки на Буџетот, тоа се средства што беа планирани и се разговараше што Европа прави и што ние како земја во наредниот период може да најдеме некои нови начини на финансирање на дополнителните трошоци што до крајот на годината може да ги предизвика енергетската криза, особено од геостратешки аспект, доколку тензиите со Украина ескалираат или не се решат во насока на предвидливост, веројатно дел од тоа ќе влијае врз цените на енергетските пред сѐ, а и другите производи, вели министерот.

Иако не сака да шпекулира, Бесими признава дека кризата меѓу Украина и Русија може потенцијално да донесе влошување на европските пазари.

– Тоа зависи од импактот врз пазарите во Европа во делот на енергенсите, што веќе се почувствува. Може да биде полошо ако нешто се случи, ако ескалира ситуацијата и врз цените, имаме и едно и друго. Други ескалации, зависи во која насока ќе бидат импликациите, може да има евентуален недостаток на енергија, но тоа сега за сега останува шпекулативно сценарио, истакна Бесими.

Но, министерот инсистира дека во овој момент се тоа само прогнози и дека никој не може да каже со прецизност што доколку состојбата ескалира и дополнително се комплицира и со сето тоа да се влоши состојбата на пазарите.

Конкретно во однос на мерките кои ги презема Владата за да го ублажи економскиот шок, на прашање дали може да се оди кон национализација на енергетскиот сектор во Северна Македонија, Бесими вели дека земјата има преземено низа обврски како членка на Европската енергетска заедница и кандидатка за членство во ЕУ, а тие обврски подразбираат и либерализација на пазарот, но дека државата интервенираше на пазарот за да ги ублажи последиците за домаќинствата, како во случајот со БЕГ, на пример.

– За време на криза има пропишано што може да се направи во тој дел – интервенција на пазарот. Така ние со БЕГ ги решававме врз основа на таа одлука, каде што ние како Влада преку државните компании одредивме тие да произведуваат за домашни потреби, а не за извоз и да се обезбеди електрична енергија потребна за ЕСМ, за регулиран пазар и имаме регулиран пазар каде што се опфатени домаќинствата и тука Владата преку ЕСМ играше улога во тоа да не се зголеми цената на електричната енергија како што тоа се случи на пазарот, неколкукратно да се зголеми. Сега таа останува со 9,5 отсто раст оваа година, што е резултат на тие политики што ги спроведуваме како индиректен државен интервенционизам на пазарот на електрична енергија, изјави Бесими за МИА.

Министерот нагласи дека македонската Влада добила поддршка од ЕУ за тоа што го прави.

– Ние го намаливме ДДВ за домаќинствата и тоа се една од препораките што се даваат, а ние го направивме и пред тоа. Во однос на категориите што се социјално загрозени, програма за енергетска сиромаштија и во регулираниот пазар дававме поддршка и буџетски средства на државната компанија за да може да ја надомести таа ценовна разлика од тоа што чини на пазарот и колку се продава на регулираниот пазар. Тука е таа можност каде што како Влада  игравме улога и како сопственик, не само како чинител што обликува политики. Како сопственик на државната компанија наложивме да продава со пониска цена, за да нема таков ценовен удар. Од друга страна тие загуби ги покриваме ние како сопственик, изјави министерот за финансии.

Бесими најави дека Македонија аплицирала и за три проекти од областа на транспортот, животната средина и енергетиката во програмата на Европската Комисија, а резултатите ќе бидат објавени оваа недела.

– Ние веќе имаме аплицирано со неколку проекти, се очекува оваа недела тоа да се објави од страна на Европската комисија за колкав износ и за кои проекти станува збор. Исто така, во рамките на Планот за забрзан раст планираме наредните пет години 4 милијарди евра што ќе бидат инвестиции од јавен сектор и дополнително 8 милијарди од приватен сектор. Тоа го презентиравме и како да го споиме тоа со Европскиот инвестициски план (ЕИП). Тоа беше втора тема, што значи поддршка на растот на среден рок, додаде министерот за финансии.

ЕИП е програма на Европската Комисија за поддршка на Западниот Балкан пред сѐ во инфраструктурни проекти, тој изнесува 9 милијарди евра за цел Западен Балкан од 2021 до 2027, плус 20 милијарди евра што можат да се повлечат преку гарантен фонд од приватниот сектор.

– Значи тоа е главната цел, и да видиме во текот на 2022 во однос на тоа што ќе бидат политиките во ЕУ за Западен Балкан и како планираме ние, со какви мерки да се справиме со овие предизвици и во текот на годината да имаме план за финансирање на овие дополнителни трошоци што произлегуваат од енергетската криза, истакна Бесими.

Една од работите е импактот на енергетската криза врз нашата економија, додаде Бесими, а второ е владиниот план за забрзан економски раст, „кој е петгодишен план за раст, каде што се планира да се забрза растот од 2,5, колку што било просечно годишно, на пет проценти просечно годишно во наредните пет години, што се базира главно на инвестиции“.