Првата фаза од Пописот на населението, домаќинствата и становите почна вчера со попишување на вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и нивните семејства, на дијаспората, припадниците на Армијата во странство, затворениците и бездомниците.

Пописот почна во услови на пандемија од Ковид-19, со зголемен број на заразени, со ниту една обезбедена вакцина, ниту за попишувачите кои од 1 април треба да почне да тропаат на вратите на граѓаните. Оваа статистичка операција, која власта ја турка по секоја цена, од опозицијата е оквалификувана како политичка, а од голем број граѓани како непожелна во вакви услови и со најави дека не отвораат врата на невакцинирани попишувачи кои треба да минат низ повеќе станови во време кога расте бројот на заразени од коронавирус и надмина сто илјади во Македонија.

Оваа активност ќе трае до 21 април, кога и официјално треба да заврши пописот, што ќе започне на 1 април. Ставовите на власта и опозицијата остануваат непроменети – едните тврдат дека државата го организира пописот по сите меѓународни стандарди, дека е неопходен за земјата и е во интерес на сите граѓани, а другите оти тој не е по статистичките стандарди, заради што, како што велат, постои можност за злоупотреба. Дополнителен проблем за опозицијата е што тој треба да се спроведе во услови на пандемија.

Засега проценката на надлежните институции е подготовките и почетокот на попиот се одвива во најдобар ред по правилата и протоколите пропишани од надлежните институции. Од вчера во наредните две недели, ќе бидат попишани 2.200 осудени и притворени лица во казнено поправни и воспитно поправни установи на територија на Република Северна Македонија. Пописот ќе се одвива во неколку фази и ќе бидат ангажирани четири овластени попишувачи во текот на овој процес.

Министерот за правда Бојан Маричиќ вчера упати порака до граѓаните дека ова е многу важна операција и ги повика активно да придонесат за развојот на сопствената држава.

-Собирањето на овие информации е корисна за сите за да можеме да ги креираме политиките и во образовна смисла и во финансиска и економска, здравствена и сите други апскети. Мислам дека сите дискусии завршија минатата недела откако и Евростат верификуваше со јавна изјава дека и законот за попис и методологијата според која се спроведува пописот се направени согласно највисоките стандарди. По таа верификација сите дилеми кои беа наметнати од политичките фактори се расчистени. Сите треба да имаме доверба во пописот затоа што професионално се изведува, според точно утврдени правила и стандарди со сите заштитни мерки повразани со Ковид-19 и можеме на еден брз и ефикасен начин да го завшиме во интерес на граѓаните, рече Маричиќ.

Апелираше и до политичките фактори да, како што рече, се сопре со политизација на пописот и со дополнително негово оспорување и наспроти тоа ги повика да се обединат и да ја испратат истата порака – граѓаните активно да учествуваат во пописот.

 

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски смета дека пописот е неопходен, оти земјава нема точни податоци за своите граѓани, за она со што располага.

-Речиси дваесет години немаме попис. Треба да ги собереме податоците, бидејќи тие се потреби за сите граѓани во оваа држава, ако сакаме развој на оваа земја, а тој развој се прави исклучиво ако имате информации, денеска најскапата работа во светот е информацијата, навремена, точна и квалитетна информација. Ако сакаме квалитетни информации, а врз основа на тоа и квалитетен развој треба сите да учествуваме во пописот и да се попишеме. Последната работа на којашто јас размислувам во овој момент се санкциите, рече директорот Симовски.

Тимчо Муцунски, секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ смета дека попис треба да има, но според него,  дилемата е дали оваа година треба да се спроведе, посочувајќи дека многу земји од регионот ја послушале препораката од Обединетите Нации и го одложиле за следната година.

Тој вели дека методологијата со која што ќе се попишува населението не е по највисоки стандарди, укажувајќи дека тие понудиле електронски попис со кои ќе се елиминираат сите недостатоци на Законот за попис, но и на методологијата.

-Самата методологија дозволува да се злоупотребува тој чин на попишување на резидентно населени со тоа што практично некој ако е во посет на вашата лична карта ќе може да ве попише како да сте тука, како да сте резидентно население а вие фактички де факто може и да не сте тука, да сте го оставиле тој документ. Така да има една низа на недоследности на самата методологија кој што нас цело време не упатуваат на тоа дека се работи за операција која има за цел да реализира некои политички желби, рече Муцунски.

Демократскиот сојуз ги повика Македонците кои живеат во дијаспората, а имаат македонско државјанство, матичен број и адреса во Македонија, да ја искористат можноста која им се нуди со Законот за попис и масовно да се попишат преку онлајн апликацијата, во периодот од 1 март до 31 март оваа година. Попишувањето на Македонците кои живеат на сите континенти, велат од ДС, е од исклучителна важност за добивање вистинска слика за етничкото потекло на сите македонски државјани. Демократскиот сојуз предупредува дека отпорот против попишувањето и тивкиот бојкот кој се заговара од некои политички партии во Македонија, може да произведе неверодостојни податоци за бројот на етничките Македонци и да го доведе македонскиот народ во нерамноправна положба во сопствената држава.

На синоќешна седница на централното претседателство на Алијансата за Албанците што се одржа во Тетово, партискиот претседател Зијадин Села побара Државниот завод за статистика да ги отстрани проблемите на дијаспората кои според нивни информации не успеале да се регистрираат за пописот. Според него на првиот ден нивната партија добила поплаки дека не можат иселените лица да ја направат постапката преку интернет. – Се надевам дека е технички проблем, дека не се работи за намерен проблем алгоритам од страна на Заводот за статистика кој би имал за цел да секој петти, шестти или седми да го исфрли од пописот бидејќи на тој начин пописот нема да биде валиден, рече Села. 

Од денеска во функција е и регистарот за дијаспората, отворен на веб страницата на Државниот завод за статистика, а како што рече директорот Симовски, добиле информации оти нашите сограѓани од странство максимално ја користат оваа апликација за самопопишување.

МНР ќе спроведе медиумска кампања за мотивирање на лицата за самопопишување/саморегистрација, отсутни во странство: на работа во ОН и нејзините организации, претставништва или претставници на стопанските комори во странство, деловните единици во странство, воени претставници на Армијата во странство и студентите и граѓаните што се ангажирани од страна на Република Северна Македонија врз основа на меѓународна, техничка и друга соработка, како и членовите на нивните семејства/ домаќинствата што престојуваат во странство со наведените лица.

Тука спаѓаат и сите лица – државјани на Република Северна Македонија кои по која било основа престојуваат во странство, без оглед на должината на нивниот престој. Самопопишувањето ќе се одвива преку веб – апликација, која е лесно достапна и едноставна. Потребно е граѓаните само да се најават со својата имејл адреса. Ќе може да се пристапни само од странство, а безебедноста на личните податоци е осигурана.

Министерството за надворешни работи како одговорно за дијаспората, преку ДКП ќе биде вклучено во информирањето на иселениците и другите наши граѓани во странство за да се попишат онлјан преку веб- страницата на ДЗС. ДКП-та ќе бидат логистичка поддршка. На сајтот на МНР веќе има линк за комуникација со телефонски броеви што ќе функционира 24 часа и ќе биде достапен за граѓаните за информации и појаснувања.

Податоците за нашите државјани во странство што ќе се добијат на пописот ќе бидат можност за планирање на политиките за дијаспоарата, за услугите што им се потребни на иселениците, но и ќе можат да се видат причините зошто иселениците заминале од државата.

Самопишувањето на лицата во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во странство, се врши преку  пописната апликација до која може да се пристапи преку веб-страниците: www.stat.gov.mkhttps://popis2021.stat.gov.mk/default.aspx. Самопопишувањето подразбира пополнување на пописната апликација од страна на самото лице кое е единица на попис. Податоците за домаќинството ги дава полнолетен член во домаќинството кому податоците му се најмногу познати, а за децата до 15 години, еден од родителите, посвоителот или старателот. Лицето кое ги дава одговорите за Пописот е должно на сите прашања да даде точни и целосни податоци.

Податоците при самопопишувањето ќе се запишат според состојбата на ден 31 март  2021 година во 24:00 часот, односно на полноќ, меѓу 31 март и 01 април  2021 година. На веб-страната на МНР се објавени и телефонски броеви за контакт за информации за Попис 2021.

Во периодот од 1 до 15 март заедно со Министерството за одбрана ќе бидат попишани лицата што за време на Пописот се наоѓаат во служба на Армијата на Република Северна Македонија, во државата или во странство, заедно со Министерството за правда ќе се изврши попишување на лицата што за време на Пописот се наоѓаат во притвор или на издржување казна затвор во затворите, казнено-поправните установи и воспитно-поправните домови и заедно со Министерството за труд и социјална политика ќе бидат попиани лицата бездомници.

Вчера почнаа обуките за обучувачите кои ќе го вршат попишувањето на терен, а за кои веќе беа објавени огласи. Во меѓувреме опозициската ВМРО-ДПМНЕ и натаму собира потписи од граѓаните и опстојува на ставот дека пописот треба да биде одложен најнапред поради пандемијата со Ковид-19.