Агенцијата БГНЕС објави дека 21-годишниот Бугарин од градот Охрид Христијан Пендиков има повеќе испукани пршлени, ребра и скршена вилица, а објави и фотографија од нападното лице.
– Пендиков бил заедно со уште една девојка. Пред да излезе од кафеана беше навредуван и испровоциран од друштвото поради неговата припадност. Тој моментално се наоѓа на лекување во локалната болница. Се чека неговото транспортирање и префрлање во болница во Скопје“, објави БГНЕС.
За синоќешната тепачка во Охрид се огласи и МВР:
Дваесет и едно годишниот Х.П. од Охрид синоќа бил нападнат од тројца охриѓани во угостителски објект на кеј „Македонија“, соопшти утрово СВР Охрид.
Лицето, како што е наведено, било физички нападнато од С.К., С.К. и И.С., сите од Охрид, по што му била укажана лекарска помош во Општа болница Охрид.
– Според пријавеното од Х.П., во угостителски објект лоциран на кеј „Македонија“ во Охрид, а потоа и надвор од објектот, физички бил нападнат од С.К., С.К. и И.С., сите од Охрид и притоа се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Општата болница во Охрид, појасни за МИА портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски.
Нападот во полиција бил пријавен околу 22 часот и 30 минути. Известен бил јавен обвинител и СВР Охрид презема мерки за расчистување на случајот, по што ќе следува соодветна пријава.