Два руски проектили погодија хотел во Харков, вториот по големина град во Украина, а според градоначалникот, 11 лица се повредени, меѓу кои и двајца турски новинари.

Од фотографиите се гледа дека хотелот претрпел голема штета, а се гледаат и пожарникари кои го гаснат пожарот. Ракетите го погодиле хотелот синоќа околу 22:30 часот.

Русија ги интензивираше нападите врз украинските градови во последните две недели, а официјални лица тврдат дека десетици цивили биле убиени во напади со беспилотни летала и проектили. Харков, град на само 30 километри од руската граница, претрпе огромни штети од руските воздушни напади откако претседателот Владимир Путин ја започна инвазијата во февруари 2022 година.

По последниот напад, девет лица се пренесени во болница, меѓу кои и еден маж во тешка состојба. Во хотелот во моментот на нападот имало 30 цивили, без ниту еден војник. Оштетени се и домови и автомобили во близина, јавува Би-Би-Си.

фото: ЕПА