Речиси осум милиони луѓе во Велика Британија се мачат да ги платат нивните сметки додека животните трошоци бележат пораст, јави Би-би-си.
Управата за финансиско работење процени дека 7.8 милиони лица сега сметките ги гледаат како „тежок товар“, во споредба со 5.3 милиони во 2020 година.
Цените на енергијата, храната и горивото остро се зголемија изминатите шест месеци, делумно поради војната во Украина.
Инфлацијата, стапката со што растат цените, се зголеми на 10,1 отсто минатиот месец, наведува Би-би-си.
Граѓаните во Велика Британија купуваат помалку, отколку пред пандемијата од коронавирусот.
Обемот на продажба на мало падна повеќе од очекуваното од 1,4 проценти минатиот месец, продолжувајќи го падот од август.
– Потрошувачите сега купуваат помалку, отколку пред пандемијата, изјави Дарен Морган од Канцеларијата за национална статистика.
Како што изјави Морган, трговците на мало појасниле дека падот во септември делумно се должи и на затворените продавници поради погребот на кралицата, но влијаеле и ценовните притисоци, што ги тераат потрошувачите да бидат внимателни при трошењето пари.
Морган додаде дека забележан е пад во сите видови продавници, а најостар има кај оние за храна.