Руското Министерство за одбрана, цитирано од руската новинска агенција Интерфакс, соопшти дека „воздушната одбрана на украинските вооружени сили е потисната“, пренесува Би-Би-Си.

Украинската војска претходно соопшти дека нејзините воздушни сили го одбиле воздушниот напад од Русија, потсетува Би-Би-Си.

Министерството додава дека „украинските гранични сили не им пружиле отпор на руските единици“.

Нема независна потврда за овие тврдења.

Украински гранични служби: Руските копнени сили влегоа во Украина

Руски копнени сили утринава од повеќе правци навлегле на украинска територија, соопштија украинските гранични сили.

– Руски воени возила, вклучително и оклопни возила, навлегоа во регионите на Чернихив (северна, белоруска граница), Суми (североисточна, руска граница), Луганск и Харков (источна, руска граница) и преку преминот меѓу полуостровот Крим и континентална Украина, се наведува во соопштението.

Се додава дека Русија отворила артилериски оган пред да испрати воени возила.

Украинските сили објавија и видео на кое се гледаат возила означени со буквата „З“.