Во Музеј на град Неготино денеска беше отворена биенална изложба на цртежи „Скици 2022″, во соработка со НУЦК „Трајко Прокопиев” од Куманово. Директорката на Музејот, Драгица Чекорова информираше дека со оваа изложба, започнуваат тековните активности и настани на културната установа.
Таа рече дека осмото издание на биеналната изложба на цртежи „Скици 2022“, проект на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ од Куманово, претставува континуиран напор за реализација на идејата, цртежот како ликовна дисциплина и понатаму да биде актуелизиран и промовиран, пред пошироката публика и ликовната критика.
Чекорова соопшти дека можноста за вклучување на повеќе категории на ликовни уметници, сликари, графичари, скулптори, како и слободата во изборот на техниката и темата, понуди разновидни инвентивни цртачки решенија, базирани пред сè на индивидуални афинитети и изразни можности.
Таа нагласи дека цртежите се дадени како почетна идеја за реализација на подоцнежни визуелни решенија, но дел од нив се конципирани како комплетни автономни завршени ликовни дела, способни независно да егзистираат во просторот.
– Личниот творечки печат на 14 автори од повеќе генерации, како и специфичниот третман на цртежот, се главната карактеристика на оваа цртачка збирка, на триесетина цртежи во разни формати. Но, она што ги поврзува, е, секако, афинитетот кон креативното изразување, слободата што ја дава цртежот, како и специфичната ликовна естетика, креирана инстантно и непосредно, рече Чекорова.
Во изложбениот салон се поставени 19 дела од академски ликовни уметници од Куманово. Зоран Јакимовски, Мухамедали Алили-Дали, Стефан Јакимовски, Ханифе Ислами, Дејан Арсовски-Бабата, Зоран Арсовски-Бабата, Милена Арсовска, Симона Јакимовска, Александар Стефановски, Ана Јовановска, Валентина Илијевска, Стефан Анчевски, Марија Величковска и Симона Димковиќ.
Свое обраќање пред присутните, имаше и директорот на НУЦК ,,Трајко Прокопиев” од Куманово, Сашо Тодоровски, кој појасни за концептот на “Скици 2022”.