Во Хрватска осамна оглас за продажба на дел од островот Галешњак, препознатлив по својот облик на срце. Површината се продава за 10 милиони евра.

„Може да направите нешто навистина уникатно со овој имот, особено кога имате гости со јахти како Бијонсе и Џеј Зи (Бијонсе дури еднаш го прослави и роденденот таму), Џеф Безос, Мајкл Џордан итн., бидејќи на крајот на краиштата, кој не би дошол да го посети единствениот морски остров со природен облик на срце во светот?“, се наведува во огласот.

Површината на овој „Остров на љубовта“ е 142.000 квадратни метри, а делот што е на продажба зафаќа нешто над 30.000 квадратни метри и повеќе од 500 метри брег. Авторот на огласот забележува дека една од можностите е да се отвори и семејна фарма.

„Земјоделска фарма што може да се работи на површина од три хектари. Дополнително, може да се изградат 400 квадратни метри надземни згради и 1.000 метри квадратни подземни згради – што е одлична можност за земјоделски елитен туризам со вила и / или ресторан и голем склад за маслинки, вино и други билки“, се вели натаму во описот.

Галешњак на каналот Пашман е едно од најпрепознатливите хрватски островчиња, а „Брајтсајд“ своевремено го смести во својата листа на „20 светски чуда“. Во 2019 година, Катедрата за археологија при Универзитетот на Задар откри дека луѓе живееле таму и пред повеќе од 7.000 години.