Основачот на Мајкрософт Бил Гејтс, изјави дека Европа зимава би можела да се соочи со „многу застрашувачка ситуација“.
Тој предупреди дека порастот на цената на енергијата би можело да значи дека луѓето нема да можат да ги греат своите домови, без оглед на трудот на некои од нациите да ја отфрлат руската енергија без никакви одржливи алтернативи, пренесува Раша Тудеј.
Од Гејтс во поткастот на новинар на Блумберг било побарано да ги прокоментира „спектакуларно лошите изгледи за Европејците поради сè поголемата цена на енергијата зимава“.
– Разликата во количината природен гас која ви е потребна во многу ладна зима во однос на блага зима ќе ги изненади луѓето. Тоа е речиси фактор три. Така што подобро е да се надеваме дека зимата ќе биде прилично блага… Доколку зимата е многу ладна и остра, компромисите се многу, многу тешки, вклучувајќи го и ограничувањето на индустриската употреба (на енергија) во поголем дел, за што луѓето всушност не се подготвени, рече тој.
Гејтс е скептичен во врска со изјавите на некои од западните земји, дека ќе го запрат купувањето руска енергија во знак на одмазда за конфликтот во Украина, сугерирајќи дека Европа ќе мора да остане зависна од тој увоз за некое време.
– Значи, кога луѓето ќе ми кажат: Еј, ние гo сакаме твојот став за климатските промени затоа што можеме да му кажеме на Путин дека тој не ни треба“, продолжил Гејтс, додавајќи саркастично: „Јас велам, да, 10 години од сега… Јавете му се и кажете му дека не ви треба“, вели Гејтс.
Тој изјави дека повторното активирање на електраните на јаглен и потпирањето на други помалку зелени извори на енергија е „прагматично“ и дека тоа би било добро за климата на други патеки, додека пак во краток домет едноставно мора да се пронајде било какво решение, па дури и доколку тоа да значи емисијата да расте.
Извор: Вечер