Драстично е опадната поддршката за владејачката „семафорска коалиција“ во Германија, а трендот на намалување на нејзиниот рејтинг продолжува.
Во моментов повеќе од половина од граѓаните сакаат пад на владатата на канцеларот Олаф Шолц, покажува истражувањето нарачано од таблоидот „Билд“.
Десничарската Алтернатива за Германија (AfD), во овие околности, го бележи својот највисок рејтинг во историјата.
Анкетарот на „Инса“, Херман Бинкерт, вели дека резултатите покажуваат дека на граѓаните „не им е грижа дали се работи за греење, миграција или транспортна политика, коалицијата како да не ги застапува интересите на населението“.
Помалку парадоксално, меѓутоа, најголем интерес меѓу народот владее за еколошките проблеми и според најавите за нивно решавање, тие всушност ја вреднуваат партиската понуда.
Анкета на агенцијата „Форса“, пак, нарачана од „Вестдојче алгемајне цајтунг“, покажува дека војната во Украина се уште е најважна тема и интересира 55 отсто од нацијата.
Според магазинот „Фокус“, поддршката за коалицијата е најголема кај зелените гласачи со 65,3 отсто, потоа на СПД со 61,5 отсто и на ФДП со 51 отсто.
Доколку изборите се одржат сега, партиите што ја сочинуваат владејачката коалиција, Социјалдемократската (СПД), Либералната (ФПД) и Зелената, нема да имаат мнозинство. Најсилна партија со 28 отсто од гласачкото тело би била Христијанско-демократската унија (ЦДУ), која е во опозиција во ова свикување на Бундестагот.
Во „сендвичот“ меѓу неа и АФД, која би собрала 16 отсто, би била СПД, со 20 отсто одлучни граѓани. Зелените ќе завршат на четвртото место со 15,5 отсто, пред Либералите (7,5 отсто) и Левица (4,5 отсто).
Економскиот весник „Ханделсблат“ посочува дека, иако има 41 отсто поддршка, „семафор коалицијата“ во моментов не би обезбедила мнозинство, а дури 68 отсто од испитаниците се многу или донекаде незадоволни од работата на колаицијата. Мнозинството Германци меѓутоа не веруваат дека владиниот сојуз наскоро ќе се распадне. Иако само 19 отсто веруваат дека се веројатни нови избори за Бундестагот „во следните неколку месеци“, речиси 70 отсто не веруваат.
Како што пишува весникот „Велт“, повеќето Германци стравуваат дека сојузната влада и понатаму ќе биде парализирана од конфликти, а многумина сметаат дека канцеларот е „премногу слаб за улогата на лидер“.