Се наоѓаме во незапаметени ситуации кога никој ништо не може да предвиди и никогаш немало толку драстични промени на берзите како сега, вели во интервју за Макфакс претседателот на Регулаторна комисија за енергетика, Марко Бислимоски.
Тој вели дека останува да се надеваме дека оваа криза ќе заврши и ќе добиеме стабилни и предвидливи цени на енергенсите.
Бислимоски вели дека ако во државата нема природен гас (кој 100 отсто е увоз од Русија), тоа би бил сериозен проблем, особено во текот на следната грејна сезона. Во таков случај, смета тој, греењето во Скопје единствено може да биде на мазут, но тогаш во градот ќе има енормно загадување.
– Реално е дека во Македонија немаше никаков проблем во обезбедувањето нафтени деривати и тоа функционираше. Ги повикувам граѓаните да не подлегнуваат на шпекулации бидејќи во однос на нафтените деривати немавме и не очекувам да имаме некој посебен проблем. Но кризата лично ме научи – никогаш не вели никогаш, вели Бислимовски.
Сепак, додава тој, во делот на нафтените деривати не се очекуваат проблеми.
– Да видиме кои се тие експерти кои кажуваа дека ние со нашите одлуки на енергетскиот пазар сме правеле енормни профити. Многу е лесно во време на криза да се шпекулира, но многу е тешко да се преземаат мерки кои се непопуларни, вели првиот човек на РКЕ.