Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) во моментов ги анализира барањата поднесени од енергетските компании за цената на електричната енергија на регулираниот пазар за наредните шест месеци што ќе важи од 1 јули годинава и како што најавува претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски ќе се обидат и годинава да бидат креативни со цел да се избегне ценовен шок.
– Барањата се дојдени, ние ги анализираме и во најголем дел сме завршени со анализите за МЕПСО, а завршени сме и за „Електродистрибуција“, но останува најбитниот дел цената со која „Електродистрибуција“ ќе ги купи загубите на електрична енергија на тендерот кој ќе биде објавен утре и количините на електрична енергија кои ќе ги купи универзалниот снабдувач, исто така на утрешниот тендер. Откако ќе ги дознаеме цените, ќе ги завршиме пресметките и во текот на следната недела ќе ја информираме јавноста за нашите одлуки, изјави Бислимоски.
Во моментов, како што нагласи тој, познато е дека цената за загуби на електрична енергија на МЕПСО во втората половина на годината е околу 130 евра за мегават час што е далеку пониско од претходните шест месеци кога беше 220 евра за мегават час.
– Тоа позитивно ќе влијае на крајната цена онолку колку што може цената за пренос да влијае на крајната цена што ќе ја плаќаат потрошувачите, рече Бислимоски.
Како најбитни за цената на струјата во наредните шест месеци, тој ги истакна тендерот на кој ЕСМ ќе понуди електрична енергија за универзалниот снабдувач и тендерот на кој ќе понуди цена за покривање на загубите во дистрибутивната мрежата. На цената ќе влијае и зголемувањето на ДДВ од 10 на 18 отсто и тоа за 7,2 проценти.
– Ние ги носиме цените без ДДВ и ќе се обидеме и оваа година да бидеме креативни со цел да се избегне ценовен шок врз потрошувачите во државата, истакна Бислимоски.
Во врска со враќањето на евтината дневна тарифа на електричната енергија, тој посочи дека РКЕ ги завршува анализите и ги знае техничките проблеми кои ги има во процесот.
– Во овој момент имаме сериозно разединување за колкав временски период тие технички софтверски проблеми може да се надминат. Овие неколку дена ќе ги искористиме за интензивна комуникација со операторот на дистрибутивниот систем за да видиме реално кога и како може да започне имплементацијата на евтината тарифа, посочи Бислимоски и додаде дека е сигурно оти евтината тарифа ќе биде воведена.
Целта, како што рече директорот на РКЕ, им е што е можно повеќе граѓани во ист момент да ја користат евтината тарифа за да нема жалби и поплаки зошто некој има, а зошто друг нема.
– За тоа разговараме со операторот на дистрибутивниот систем и преговорите и разговорите ќе мора да ги завршиме кон почетокот на идната недела, рече Бислимоски.
Тој појасни дека по воведувањето на блок тарифите броилата имаат четири позиции во кои се регистрира скапата тарифа, а сега треба дополнително да се воведе и евтина тарифа така што на операторот на дистрибутивниот систем му треба време за да се сетираат сите броила. Време е потребно и а да се промени билинг системот за да може да се фактурира евтината тарифа.
– Тоа го прави надворешна фирма како што вели операторот и за тоа им било потребно малку повеќе време. Но, разговараме со нив навреме да си го решат тој проблем. Броилата кои немаат далечинско отчитување ќе мора рачно да се прилагодуваат и е потребно повеќе време, а за оние со далечинско отчитување тоа ќе се направи од компјутерскиот центар на операторот за две минути, истакна Бислимоски.