Со информациите кои ги имаме сега не постои опасност и ќе продолжи снабдувањето со природен гас во земјава, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски во емисијата Аргумент плус на ТВ 24.

Тој додаде дека ние како држава секогаш треба да бараме и да имаме повеќе опции за снабдување со природен гас.

– Тоа и понатаму ќе се случува. Македонија прави нова интерконекциска врска, за прв пат ќе се поврземе и со Грција, така да и од таа страна ќе добиваме и од други извори природен гас, рече Бислимовски.

Тој кажа дека пазарот со природен гас нормално ќе функционира и од 1 јануари и поркрај откажувањето на Макпетрол, бидејќи како што рече издадени се 12 лиценци за трговија и снабдување со природен гас.