Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе одлука со која продолжуваат да важат актуелните цени за топлинска енергија во Скопје се до донесување на нова одлука.

Тоа, како што рече претседателот на РКЕ Марко Бислимоски, значи дека нема да има никаква промена на цената на топлинската енергија на трите система во градот Скопје.

-РКЕ изврши длабинска анализа на доставените податоци за работата на компаниите кои вршат производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија во Градот Скопје. Констатиравме дека за донесување на одлука која ќе ги рефлектира во целост реалните трошоци на сите регулирани дејности, посебно производство на топлинска енергија, дополнително е потребна проценка на вредноста на основните средства – топланите кои се во сопственост на една компанија, а се дадени под закуп на ЕСМ Производство на топлинска енергија, рече Бислимоски.

Нагласи дека РКЕ во февруари испрати барање за процена на основните средства за дејноста производство до Бирото за процена, но, како што рече до денес го нема добиено извештајот за процена и поради тоа не може да се направи финална пресметка.

-Со цел овозможување на еднаков третман на сите потрошувачи на топлинска енергија на територијата на Град Скопје, РКЕ донесе одлуки да продолжат да важат истите тарифи, односно сметките за парно не се менуваат, се до нова одлука за сите три компании, односно и за ЕСМ енергетика и Скопје Север, рече Бислимоски.

Очекува до септември или октомври Бирото за процена да ја достави процената на основните средства за производство на топлинска енергија, односно топланите кои се во сопственост на „Адора инженеринг“, а со нив управува ЕСМ Производство по што РКЕ ќе донесе нова одлука за цената за производство на топлинска енергија за сите претпријатија кои вршат регулирана дејност производство на топлинска енергија која најмногу ќе зависи од цената на природниот гас на берзите. Во моментов, како што кажа, цената на природниот гас е за едно до две евра пониска од онаа што беше при носењето на одлуката во јануари.

Ова, како што посочи, не е првпат РКЕ да не носи одлука за цена на топлинска енергија во јули. Тоа, додаде, веќе го направивме во 2023 година кога бевме соочени со проблемите со цевководот на мостот „Беласица“.

Со последната одлука од 1 февруари цената за потрошувачите на топлинска енергија во Град Скопје беше зголемена за 5,03 отсто, како резултат на зголемената цена на природниот гас на светските берзи за 16 отсто во последниот квартал од 2024 година.

Фото: архива