Сите инфраструктурни проекти за автопатот Кичево-Охрид се одглавени и на самиот почетокот на наредната година моите сограѓани ќе возат по автопатот Кичево-Охрид.
Ова го изјави потпретседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи при неговото гостување во ТВ 24, каде одговараше на разни прашања од економијата.
Вицепремиерот Битиќи ја информираше јавноста дека автопатот Кичево-Охрид имаше 130 инфраструктурни проекти неодобрени, што значи тоа дека секој метар од автопатот немал инфраструктурен проект и за илустрација рече дека тоа е исто како на граѓаните да им ветите изградба на канализација, ама секој метар од канализацијата да не е проектиран и да ги лажете дека ќе им направите 5 километри канализација.
„Овде зборуваме за 50 километри во кои 130 инфраструктурни проекти воопшто не биле нацртани, проектирани, не биле одобрени, земјиштето не било трансформирано ниту експроприирано.
Знаете што значи да направите 130 инфраструктурни проекти од кога проектот е започнат и за ова ни беа потребни 3.5 години и ова сега веќе е завршена работа.
Ова никој не го зборува оти не можат административно да го гледаат, а ова беше условот за да го направиме анексот со завршени инфраструктурни проекти, завршени експропријации, завршена трансформација“, изјави вицепремиерот Битиќи.
На прашањето кога нашите граѓани ќе можат да возат по автопатот Кичево-Охрид, Битиќи рече дека на 31.12 2023 година сите изведувачи имаат краен рок тоа да го направат и ако до тој датум не може да се вози по 95% од делницата, оти 5% се пропратните патишта, некој ќе сноси сериозна одговорност во оваа земја и ова е системско решавање на работите.
„Завршена е приказната на седнување по кафеани и договарање дали можат да добијат уште година дена. Не, 31.12.2023 е крајниот рок во кој моите сограѓани од Охрид ќе може да патуваат за Скопје по автопатот Кичево-Охрид“, изјави Битиќи.
Потпретседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи подвлече дека ова е рокот, но ако некој од изведувачите сака, може утре да се откаже и ќе биде заменет со некој друг изведувач бидејќи ова е начинот на кој ние мора да ги решаваме работите.
Битиќи информираше дека во меѓувреме почна да тече рокот за консултантот кој е избран за патниот правец Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчане, Требеништа-Струга и автопатското решение Прилеп-Битола.
Тие имаат 21 ден да ги завршат консултациите за да го спремат конечниот проект со избраниот оператор „Бехтел и Енка“ и ако се е како треба напролет би требало да почнат, но дека и таму има многу јасен рок на изведба.