Новиот договор кој ЈП за државни патишта го објави на системот за јавни набавки е потпишан на крајот од минатиот месец и изнесува 10 милиони евра, односно 598,4 милиони денари без ДДВ или 706 милиони денари со ДДВ.

Во договорот се вклучени земјени градежни работи, заштита на косини, осветлување, инсталациони работи, бетонирање и армирање, врзување на карпа итн. Рокот на договорот е 36 месеци со можност за негово намалување или продолжување.

Изградбата на овој автопат доцни веќе неколку години. Во јануари 2020 година беше потпишан Договорот за изградба на првите два километра на автопатот, а во мај, два месеца пред вонредните парламентарни избори, на терен почнаа градежни активности за првата траса.

– Рокот за изградба на првата делница од автопатот Скопје-Блаце во должина од два километра ќе се пролонгира бидејки тешко оди експропријацијата на земјиштето, а на терен излегле и други непредвидени ситуации, изјави уште лани директорот на ова ЈП, Ејуп Рустеми.

За останатиот дел од автопатот од 10 километри, Европската банка за обнова и развој обезбедува заем од 167,6 милиони евра под гаранции од државата (на 16 години), а 20,8 милиони евра се обезбедени како грант од ЕУ преку Инвестициската рамка за Западен Балкан.

Овој автопат треба да го скрати времето на патување од Скопје до Приштина за 45 минути. А кога станува збор за изградбата на автопати, актуелната власт, за пет години од автопати успеа да одигра чочек за свечено пуштање на автопатот Демир Капија – Гевгелија и патарини на автопатот Скопје – Штип кои ги изгради претходната Влада на поранешниот премиер Никола Груевски.