Автопатот што ќе се гради од Скопје до граничниот премин Блаце ќе чини 186,7 милиони евра за делница од 10 километри.

Ова, како што објави еконосмскиот портал Фактор, е наведено во тендерот објавен од ЈП Државни патишта (ЈПДП) на нивната интернет страница.

Во законот за гаранција, кој веќе е изгласан во Собранието, се наведува дека долгот ќе се отплаќа 16 години.

Европската банка за обнова и развој (ЕБР) обезбедува заем од 167,6 милиони евра под гаранции од државата, додека проектот ќе биде кофинансиран со 20,8 милиони евра од ЕУ преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).

ЈПДП додава дека последните два километра до косовската граница веќе се финансирани од јавното претпријатие и таму градежните активности, како што велат од таму, се во тек.

– Проектот ќе ја финансира изградбата на нова под-делница долга 10 километри на автопатот TEN-T Рута 6 што оди од Скопје (обиколница Стенковец) до клучка Блаце, блиску до границата со Косово, се вели во повикот.

Изградбата на првиот дел од автопатот Скопје-Блаце доцни една година. Во јануари 2020 година, власта потпишаа договор со ГП Гранит за започнување на првиот дел од работите, поточно за изградба на два, од вкупно 12 километри, но рокот не се почитува.