По долги години донесовме законоско решение со кое пензионерите системски се вадат од нивото на сиромаштија и се подобрува нивниот животен стандард, рече вицепремиерот за економски прашња Фатмир Битиќи во интервјуто за Трилинг на ТВ 24.
Вицепремиерот и потпретседател на СДСМ, Битиќи во интервјуто истакна дека конечно, со системското решение, се враќа достоинството на пензионерите, ги вади над прагот на сиромаштија и им го подобрува животниот стандард.
– Во март 2021, пред донесувањето на методологијата за усогласување на пензиите, просечната пензија била 15.664, а во септември 15.872, односно е покачена за 200 денари. По носење методологија во март 2022 просечната пензија се качува на 16.380, денари, а во септември 2023 просечната пензија изнесува 20.120 денари, покачена за цели 5.000 денари, истакна Битиќи, додавајќи дека ова е резултат на одржлива законска методологија која што конечно ќе го врати достоинството на пензионерите.
Битиќи нагласи дека во 2021 година над 160.000 корисници на пензија биле под прагот на сиромаштија од 14.000 денари, дефиниран од Светска банка, а во септември 2023 година тој број се намалил на 86.000.
– За скоро двојно, односно за 50 отсто е намален бројот на пезнионери, кои отишле над прагот на сиромаштија од 14.000 денари, додека над 60.000 корисници на пензија ја надминале просечната пензија од 20.000 денари, рече Битиќи во интервјуто.
Но, пензионерите не мислат како и вицепремиерот, тие со месеци протестираат за покачување на пензиите. Протестите почнаа по објавувањето на одлуката на Уставниот суд за покаќување на платите на избраните функционери за 78 отсто и траат се уште. Вчера пензионери од Свети Николе излегоа на плоштад каде ги оставија своите дотраени чевли и на власта и порачаат дека за нови немаат поради ниските пензии.