Луксузните возила и оние кои испуштаат поголем процент на јаглероден диоксид во воздухот ќе имаат повисока даночна стапка, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Предлог-одулуката треба да биде разгледана на следната владина седница во вторник.
– Нема зголемување на даноците на возилата ако ја видите последната одлука што во вторник треба да биде на Влада. Зборуваме за даночење на луксузните возила. Ќе има данок и за оние возила кои испуштаат поголем процент на јаглероден диоксид. Значи, не зборуваме за зголемување со кое ќе биде опфатена поголема категорија на граѓани, рече Битиќи, одговарајќи на новинарски прашања по панел дискусијата „Достоинствен живот или преживување?“.
Битиќи негираше дека распределбата на Буџетот се прави затоа што нема пари за деветиот пакет антиркизни мерки. Во одговорот на новинарското прашање, Битиќи посочи дека вообичаено распределбата на средствата во Буџетот се прави секој декември. За антикризниот пакет мерки рече дека наскоро ќе биде објавен.
– Мислам дека веќе е при крај затоа што тоа ќе бара одредени законски решенија кои ќе треба да влезат во Собрание, рече Битиќи.