Квотата од 5.000 странски работници е пополнета со 3.000 и нешто, ијави денеска вицепремиерот Фатмир Битиќи, прашан од новинарите за доаѓањето на странски работници во Македонија.
Тој посочи дека ниедна влада во светот не го регулира „увозот“ на странска работна сила.
– Нема ниедна држава, каде владата тоа го регулира. Дискусијата стана, понекогаш на ниво на шега за увозот на работна сила, но јас сум кажал – решенијата долгорочно ги бараме кај нашите сограѓани коишто конечно треба да сфатиме сите дека треба да се одважиме и доживотното учење не е само на хартија и не е само збор што понатаму треба да го зборуваме, туку треба да се доквалификуваме и преквалификуваме и да бидеме во тек со новите работни места кои се отвораат. Квотата од 5.000 е пополнета со 3.000 и нешто. Додека ние дискутираме е затворена, веќе ги има. Додека ние дискутираме, приватниот сектор веќе ги наоѓа решенијата сам. Но, јавната расправа, сакале ние како носители на јавни функции се одвива. Подобро да разговараме отколку да оставиме стихијно да се случуваат работите, рече Битиќи.
Законот за вработување и работа на странци предвидува квота, која не може годишно да надминува 5 отсто од населението на Македонија кое законски е вработено, според податоците на Државниот завод за статистика.
По најавата на работодавачите и коморите дека странски работници би го пополниле недостатокот на домашна работна сила, пресметките покажаа дека околу 1.000 до 1.500 евра би чинело доаѓањето на еден странски работник од Азија во Македонија, во што спаѓаат авионска карта, дозволи, сместување и друго.