Општина Македонска Каменица објави јавен повик за поставување продажни штандови за потребите на манифестацијата „Ден на дијаспората 2026“, која ќе се одржи на 9 август на улицата „Александар Македонски“.

Како што информираат од Општината, повикот е наменет за сите заинтересирани правни и физички лица, како и самостојни вршители на дејност, кои сакаат да учествуваат со свои производи и услуги во рамки на традиционалната манифестација.

Просторот за поставување штандови ќе се доделува по принципот „до пополнување на расположливите локации“, со плаќање административна такса во износ од 300 денари и комунална такса од пет денари по квадратен метар за користење јавен простор.

Според условите од јавниот повик, право на учество имаат правни лица, самостојни вршители на дејност и физички лица кои вршат продажба од времен карактер и на сопствени рачно изработени производи. Физичките лица нема да можат да вршат продажба на храна и пијалаци.

Од Општината посочуваат дека учесниците се должни да имаат регистрирана дејност согласно законските прописи, да обезбедат фискален апарат, да издаваат фискални сметки и да ги почитуваат обврските кон Управата за јавни приходи. За физичките лица е предвидена и обврска пред почетокот на продажбата да поднесат барање за паушално оданочување и да поседуваат решение од Управата за јавни приходи.

Заинтересираните можат да поднесат барање за користење јавна површина во архивата на Општина Македонска Каменица или по електронски пат, најдоцна до 7 август.

Од локалната самоуправа информираат дека ќе обезбедат простор за поставување на штандовите, додека законската и даночната одговорност за работењето останува на учесниците, со повик сите заинтересирани навреме да се пријават и да бидат дел од годинашното издание на манифестацијата „Ден на дијаспората 2026“.