Февруари ќе биде покриен со плати, а за другото одговорот треба да го дадат пратениците во Собранието. Јас знам како би постапил да сум на нивно место, рече денеска вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи.
Тој очекува дека наредната недела за кога е закажана собраниската седница, законите за економските мерки да бидат донесени и дека граѓаните и стопанствениците ќе ја добијат поддршката.
-Мислам дека тоа е научена лекција. Време за политика ќе има кога ќе живееме малку подобро, без притисок на здравствената криза. Затоа сметам дека за една недела или десет дена законите ќе бидат донесени и помошта ќе стигне до сите на кои им е потребна, нагласи вицепремиерот, одговорајќи на новинарски прашања пред почетокот на економски форум „Економијата на крстопат: Кој ќе биде мотор на растот по Ковид-19?.
Според него, треба да се работи и натаму на нови законски решенија, нови мерки и заеднички политики. Притоа, треба да бидеме паметни како да го намалиме јазот меѓу сиромашните и богатите, а даночната политика не е секогаш единствениот рецепт.
Во однос на извозно ориентираните компании кои треба, како што беше речено, да се поттикнат за да бидат мотор на растот во пост КОВИД периодот, Битиќи потсети Владата веќе донесе две мерки со кои за 108 суровини или се намалени или се целосно укинати царинските давачки.
-Продолжуваме да работиме независно на носењето на одредените закони зашто Царинскиот тарифник и усогласувањето може да се направи на два начина – преку автономни мерки и системски, преку промена на целиот Царинскиот тарифник и законот на кој работиме заедно со сите компании, истакна Битиќи.
На форумот ќе биде презентирана публикацијата „Потенцијалот на извозно ориентираните компании за придонесот за пост Ковид-19 економското опоравување во С. Македонија“, изработена од „Фајненс тинк“ во рамки на проектот „Остварување на потенцијалот на извозно ориентирани компании да придонесат за закрепнување по КОВИД-19“, финансиски поддржан од Владата на Велика Британија и британската Амбасада во Скопје.