Нова ветерна електрана со инсталирана моќ од 30 мегавати во вредност од 40 милиони евра ќе се гради на потегот помеѓу селата Стојаково и Селемлии во Општина Богданци, вети денеска премиерот Зоран Заев.

Ова беше кажано денеска, проектот треба да биде реализиран до 2023 година, а на денешното потпишување на Договорот за аквизиција помеѓу фирмата Еуроинг и „Интеренерго“ д.о.о, Љубљана заедно со „Келаг“ во Богданци присуствуваше и Заев.

Како што и е познато на јавноста, проектот за добивање на електрична енергија од ветерни електрани беше реализиран уште во времето на „режимот на Никола Груевски“. За време на претходната власт беа изградени првите „ветерници за струја“ во Богданци, кои одамна се пуштени во погон и произведуваат електрична енергија.

-Целта на овој проект е обезбедување на чиста еколошка енергија. Новата електрана ќе произведува 72 гигават часови електрична енергија што значи обезбедување на стабилно снабдување со електрична енергија на 18.000 домаќинства. При изградбата ќе се вклучат локални изведувачи со што дополнително ќе се придонесе за развојот на локалната економија во земјава, рече Заев по објавувањето на инвестицијата.

Тој нагласи дека при изградбата ќе се имплементира најнова технологија и додаде дека проектот треба да биде готов за две години.

Потсети дека во ноември 2020 година Владата потпиша меморандум за соработка во полето на енергетиката со инвеститорите „Интеренерго“ и „КИ-Келаг Интеренационал“ и нагласи дека верува оти тие ќе продолжат да бараат и други локации во земјава за изградба на други ветерни и фотоволтаични електрани.

-Деновите на производство на електрична енергија од фосилни горива изминуваат и нашата земја до 2040 година треба над 50 отсто од енергијата да ја добива од обновливи извори на енергија. За тоа постојат одлични географски потенцијали што го потврдуваат сите досегашни студии според кои има 15-тина поволни локации за изградба на ветерници, рече Заев и додаде дека најбрзорастечка технологија за производство на енергија во сите можни сценарија за државата ќе бидат фотоволтаичните и ветерните електрани.

Предвидено е како што кажа да се реализираат капацитети до 1400 мегавати фотонапонски електрани и до 750 мегавати ветерни електрани.

Градоначалникот на Богданци Блаже Шапов потсети дека во општина Богданци веќе е реализиран Ветерниот парк на АД ЕСМ со инсталирана моќ од 36,8 мегавати во вредност од 55 милиони евра и додаде дека наскоро се предвидува негово проширување за уште 13,2 мегавати во вредност од 21 милион евра или поставување дополнителни четири ветерници покрај веќе постојните 16.

Извршниот директор на “Интеренерго“ д.о.о. Љубљана, Блаж Штерк посочи дека со денешниот формален чекор и официјално почнува реализацијата на проектот „ВЕ Гевгелија“ во Богданци.

-По повеќемесечни преговори со Владата ги усогласивме сите детали со што се отвори хоризонт за почеток и имплементација на планот за изградба на овој ветерен парк. Би сакал да потенцирам дека нашето корпоративно искуство во изведба на слични проекти е од големо значење и во таа смисла очекувам договореното да биде рализирано на време и во целост, рече Штерк.

Договорот за изведба и управување со ветерниот парк, нагласи, е од долгорочна природа и се базира на активна, “feed-in“ тарифа, што како механизам ќе придонесе за забрзан раст на инвестициите во технологиите за обновлива енергија.

Посочи дека најдоцна до 2023 година ќе бидат ставени во функција шесте ветерни турбини од „ВЕ Гевгелија“ и додаде дека инвестицијата ќе биде реализирана заедно со нивниот партнер „Тригал“ од Љубљана.

Сопственикот на „Еуроинг“ Ѓорге Ташевски рече дека му е чест што денеска конечно, како што рече, од изработка на проект за ветерни електрани стигнавме до негова реализација. Тој се заблагодари на Владата и на Општина Богданци за неизмерната поддршка при реализацијата на проектот.