Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во гостување со емисијата Анализа на ТВ 24 им се закани на вработените во детските градинки и просветните работници во основните и средни училишта дека ќе добијат замена доколку штрајкуваат, откако претходно претседателот на СОНК Јаким Неделков порача дека СОНК веќе не може да чека и денеска ќе донесе одлука за можен генерален штрајк бидејќи владата еден месец нема слух за нивните барања, посочувајќи дека не може веќе на членовите на синдикатот да им ги пренесува пораките од владата дека во иднина ќе се договорат.
– Само сакам да се држиме до тоа што сме го договориле, порача вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во ТВ дебатата со синдикалните претставници за скалестото зголемување на платите во јавниот сектор.
Битиќи изрази жалење што за само три недели, откако почна руско-украинскиот конфликт, не важи она околу кое сите страни се согласиле на 23 февруари и веќе се најавуваат штрајкови. Според него, тоа е непочитување на основните принципи на дијалог.
Не може, потенцира вицепремиерот, со една алатка да се решаваат проблемите во целиот јавен сектор.
-За жал, забораваме дека на 23 февруари, кога дојдовме до договор, немаше војна, а пред три недели тоа се случи. Имаме војна, драстично зголемена енергетска криза и драстичен удар на економската страна заради зголемување на цените во прехранбениот сектор, запирање на вредносните ланци во скоро сите сектори и тоа бара прилагодување. За три недели, се што се договоривме одеднаш не доведе во ситуација да штрајкуваме и за нас тоа е навистина зачудувачки зашто само пред 1,5 месец се договоривме дека влегуваме во процесот. Донесовме и одлука дека дијалогот продолжува, но за жал, беше најавено дека на 30-ти ќе има протест, а се договоривме дека дијалогот ќе продолжи во секое министерство и никој не рече дека не сака да преговара, истакна Битиќи.
Како што објасни Битиќи, ако била заедничка констатацијата дека членот 8а дава шест месеци период на усогласување, тогаш минималната плата по новиот Закон се уште не е исплатена.
-Треба пред јавноста да кажеме дека никогаш досега во историјата на државата не се случило да усогласат за еден ден плати во цел јавен сектор дури и кога јавниот сектор бил за 50 отсто помал од овој што е во овој момент, потенцира Битиќи.
Во врска со минималната плата, тој рече дека сегашното решение можеби не е достинствено, но сепак е максимум што може да се направи.
Синдикалните претставници кои побараа унапредување на социјалниот дијалог, го повикаа да дојде во среда на протестот и да се обрати пред присутните. Трпението, напоменаа, им е при крај, а „со пет проценти покачување на платата не се живее“.
Битиќи ги повика синдикалците да се вратат на преговори
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вечерва ги повика синдикалните претставници да се вратат на преговарачката маса.
-Вратете се на преговарачка маса, протестите на улица не носат решение. Само да испочитуваме дијалог, преговори и ќе дојдеме до решение. Никој нема да биде оштетен, секој ќе добие тоа што заслужува – тоа го договоривме на Социјалниот совет, рече Битиќи во гостувањето на 24 анализа заедно со претставниците на синдикатите.
Владата, непомена Битиќи, се бори за достоинствени плати на граѓаните.
-Да се вратиме на маса. Ќе ги кажеме фактите, ќе ги согледаме ситуациите, сите сме разумни луѓе и на крај ќе најдеме решение. Ние се бориме за достоинствени плати, без или со репрезентативни и нерепрезентативни синдикати зашто веруваме дека секој во нашето општество заслужува достоинствени плати. Местото за да најдеме решение е на преговарачка маса и со секое ресорно министерство, подвлече вицепремиерот.
Тој се осврна и на законите во Собранието кои уште не се донесени.
-Ако некој во Собрание сака да си игра политика, веројатно сака на грбот на работниците и на штета на животот и достоинството на работниците да си кажува колку е голем политичар. Тоа не сме ние, тоа се тие кои во Собрание упорно не го ставаат законот за образование да се изгласа, со кој би добиле закон за целосно усогласување на платите и дополнително зголемување на платите, рече вицепемиерот Битиќи.
КСС останува на ставот дека треба да има протести. Од СОНК најавија дека нема да учествуваат в среда на протестите, но даваат поддршка на колегите од гранските синдикати. Најавија дека утре ќе донесат конечна одлука дали СОНК ќе организира генерален штрајк во дејностите детска заштита,основно и средно образование, верој атно и високо образование.
Битиќи потсети дека во изминатите години, со растот на минималната плата, соодветно растеле платите во сите сектори. „
– Ако одиме по сектори, податоците за раст на платите се следни: Шумска полиција зголемување од 30 отсто во 2021 според колективен договор, АНБ и Агенција за разознавање согласно соодветните закони имаме зголемување од 20 до 25 отсто од 2019 до 2021 година, во Катастарот зголемување од 5 до 30 отсто во 2019 година за геодети информатичари, во казнено поправните домови од 25 до 30 зголемување согласно Законот, во образование по 5 отсто зголемувања во 2018, 2019, 2020 и по 10 отсто. Со законот кој што е заглавен во собрание за дополнителни 5% од септември, истакна Битиќи.