Компанијата Баер соопшти  дека бројот на американски тужби против Монсанто, кој неодамна го презеде, се зголеми од 5.200 на околу 8.000, откако на Монсанто му било наредено да плати отштета поради тоа што не предупредил за наводни ризици од рак од препарати за уништување коров на база на глифосфати.

– Бројот на тужители во парници пред државните судови, како и пред федералните, беше околу 8.000 на крајот од јули. Таа бројка може да расте или да опадне со текот на времето, а нашата позиција е дека тој број не е валиден индикатор за валидноста на парниците што се покренати, рече извршниот директор Вернер Бауман.

Акциите на Баер загубија повеќе од 10 отсто од вредноста, откако Монсанто на 10 август, во првата парница од повеќе од илјада во САД, мора да плати 289 милиони долари за отштета поради препаратите против коров на база на глифосфати како што се Roundup и Ranger Pro.

Бауман потврди дека „пресудата на поротата не е во согласност со научно засновани заклучоци на надлежни регулаторни органи” и додаде дека побарувачката за производи базирани на глифосат останува висока.