Унапредување на транспарентноста, зајакнување на довербата на граѓаните во институциите преку професионална, ефикасна и одговорна работа, воведување закони и правила на однесување и санкции за коруптивно однесување, судска независност и политичка заложба се дел од препораките за борба против корупција во земјите од Западен Балкан.

Овие препораки беа истакнати на Регионалната конференција за борба против корупцијата, која вчера се одржа во Скопје, во организација на вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска, во соработка со Регионалната антикорупциска иницијатива и Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал.

На воведните зборови на конференцијата вицепремиерката Славица Грковска истакна дека транспарентноста на институциите мора да биде приоритет за сите.

– Само преку унапредување на транспарентноста, ќе ја зајакнеме отчетноста и контролата. Јас немам илузии дека корупцијата целосно ќе ја победиме, но мора да покажеме видливи и конкретни резултати, да создадеме услови за владеење на правото и еднаквост на институциите, рече таа.

Грковска потенцираше дека треба да ја зајакнат довербата на граѓаните во институциите, а тоа ќе го постигнат само ако докажат дека со професионална, ефикасна и одговорна работа застануваат на патот на криминалот и корупцијата.

– Мислам дека сега секој ќе полага испит за политичка зрелост. Оние кои ќе го положат ќе опстојат, останатите кои ќе се борат да остане статус „кво“ состојба, ќе бидат избришани од граѓаните. Иднината на нашите општества е во прашање. Вака, како до сега, едноставно веќе нема да може, додаде Грковска.

Вицепремиерката рече дека по усвојувањето на регионалниот Патоказ за борба против корупцијата и нелегалните финансиски текови за брзо следење на спроведувањето на Конвенцијата на ОН за борба против корупцијата, меѓусебната соработка на земјите од Западен Балкан е интензивирана и значајно попродуктивна.

Евроамбасадорот Гир кажа дека државните институции мора заеднички да работат да го намалат обемот на корупција, да воведат закони и правила на однесување и санкции за коруптивно однесување, но и да ги спроведуваат и извршуваат овие мерки.

– Борбата против корупцијата подразбира и градење негативна средина за сите коруптивни навики преку засилување на клучните системи за интегритет, јавните набавки и управување со јавни финансии, како и градење државни ревизорски институции и антикорупциски тела и партнерства со граѓанското општество, компаниите и слободните и независни медиуми, рече тој.

Според Гир, убавите зборови не се доволни во борбата против корупцијата, додека граѓаните очекуваат резултати, нагласувајќи дека денешната конференција ја става корупцијата во поширок регионален контекст и кажува дека е заеднички предизвик што најдобро може да се решава преку соработка и размена на добри практики.

Шефицата на меѓународен сериозен и организиран криминал – билатерален заменик-директор при Министерството за внатрешни работи на Обединетото Кралство и FCDO, Сузи Дајкин, порача дека е потребно да се зајакне усогласеноста и транспарентноста во бизнис секторот, но и да се зајакне соработката со граѓанскиот сектор, за корупцијата да не пушти корени во нашето општество.

– Корупцијата е огромен предизвик за владеење на правото во овој регион и креира плодна средина за организираниот криминал. Корупцијата и наштетува на економијата и на општеството и има големи и опсежни имликации. Обединетото Кралство се грижи за иднината на овој регион, рече Дајкин.

Таа додаде дека не смееме да си дозволиме регионот да стане место за организиран криминал, затоа што ќе има многу лошо влијание врз егзистенцијата на луѓето.

Ерик Мејер, заменик шефот на мисијата во амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД) во Северна Македонија, на денешната конференција посочи дека корупцијата, финансискиот криминал и други коруптивни активности се заеднички закани во регионот.

Тој потенцираше дека САД ќе продолжи да ги поддржува напорите на регионот во борбата против корупцијата, но како што рече, за да се постигне успех, во секоја земја треба политичка волја од лидерите, потребно е судство кое ќе е независно и ослободено од политичките влијанија. Секоја земја, како што порача, треба да има свои активности во оваа борба, и да има одговорност за обврските кои ги презема.

Според раководителката на Секретаријатот на Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ), Десислава Гоцкова, патоказот за борба против корупцијата и нелегалното финансирање на Западниот Балкан е конкретен и видлив приказ на заложбите на нашите влади истрајно и координирано да се борат против корупцијата, а ќе биде и клучен за успешниот развој и спроведување на ефективните антикорупциски политики во регионот и ќе може да придонесе за интеграцијата во Европската Унија.

Борбата против корупцијата, посочи Гоцкова, е и политички и технички процес, и политичките заложби треба да се пресликаат во политики и механизми, што потоа ќе се спроведат во пракса.

Црногорскиот министер без ресор задолжен за борба против корупцијата, Зоран Миљаниќ, посочи дека Патоказот треба да биде составен дел на политиката што Владата на Црна Гора ја спроведува во однос на приоритетите кои се поставени.

– Владата на Црна Гора успеа да ја усогласи својата законодавна рамка и да воспостави електронски систем за јавни набавки, како што е нагласено во Патоказот и препознаено во Извештајот на ЕК. Исто така, се спроведува и континуирана обука на службениците за јавна набавка, изјави Миљаниќ.

Во однос на вториот приоритет од патоказот за следење и одземање на незаконски стекнат имот, Миљаниќ рече дека е воспоставена Агенција за спречување на корупцијата и дека функционерите минуваат низ процес на административна проверка.

Државната секретарка во српското Министерство за правда, Бојана Шчепановиќ, порача дека заедничката борба против корупцијата е сеопфатен одговор на овој глобален систем и во таа насока е особено важен регионалниот Патоказ за борба против корупцијата и нелегалното финансирање на Западниот Балкан, нагласувајќи дека Србија ќе соработува со сите држави за размена на најдобрите практики.

Генерален директор за антикорупција во Министерството за правда на Албанија и национален координатор за борба против корупцијата, Ѓерѓ Парибај, истакна дека учествувале во изработката на Патоказот и дека остануваат отворени за соработка, особено меѓу јавните обвинителства, во областа на пријавување на имот и јакнење на професионалните капацитети на институциите.

– Следење на финансиите и нелегално стекнатиот имот, подобрување на конфискацијата на нелегално стекнатиот имот и развој на ефективни институции, одговорни и транспарентни на сите нивоа, останува ангажман и јасна цел за нас, изјави Парибај.

Според претставникот на Регионалната канцеларија за Југоисточна Европа на Канцеларијата на Обединетите нации за борба против дрога и криминал (УНОДЦ), Данило Рици, корупцијата е еден од главните глобални предизвици денес и таа ги ослабува државните капацитети кои обезбедуваат услуги за граѓаните, ја поткопува социјалната безбедност и стабилност, ги дестабилизира бизнисите и здравата конкуренција и автоматски ја уништува довербата во јавните институции и Владата.

Тој истакна дека Патоказот за борба против корупцијата и нелегалното финансирање на Западниот Балкан ја претставува највисоката заеднички регионална цел. Според него, Патоказот има за цел да постигне ефикасни и ефективни политики и институциите да се борат против корупцијата.

– Во јавниот сектор ги зајакнува системот и превенцијата од конфликт на интереси и ја зголемува регионалната соработка во прекугранични истражувања за корупција, рече тој.

На конференцијата, покрај високи претставници од земјите од Западен Балкан, присуствуваа и претставници од клучните институции надлежни за борба против корупцијата во регионот. Целта на конференцијата е да се унапреди регионалната соработка на земјите од Западен Балкан во борбата против корупцијата и незаконските финансии во регионот, во контекст на Берлинскиот процес.