Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, што ја нарековме „Бистро-Матно“.
Следењето на овие случаи има голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските чинители и со текот на времето прерасна во релевантен показател на корупцијата и на волјата на државата да се справува со овој проблем. На овој начин, сите заедно придонесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина.
===============================================================
„МАТНИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ СЕПТЕМВРИ 2025 ГОДИНА
Повеќе од половина институции не доставиле податоци до ДКСК за службените возила – Согласно Изборниот законик, јавните фондови, јавните претпријатија и сите други правни лица што располагаат со државен капитал имаа обврска најдоцна до 18 август годинава, да достават податоци до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за бројот, видот, регистарските таблици и возната состојба на службените возила. Вкупно 1.514 институции имаа обврска да достават податоци. До денеска, тоа го сториле 635 институции или 42 проценти, додека 879 институции, односно 58 отсто, воопшто не доставиле информации.
Ревизија го разоткри Министерството за образование и наука – милионски долгови, недовршени студентски домови и скапани учебници во магацини – Државниот завод за ревизија ја заврши ревизијата на финансиските извештаи и усогласеноста на Министерството за образование и наука за 2023 година. Резултатите од проверката се повеќе од загрижувачки – институцијата која управува со образованието покажува сериозни пропусти во речиси сите сегменти: од управување со капитални инвестиции, преку доделување стипендии и учебници, до ненаплатени долгови кои со години стојат „на хартија“.Државниот завод за ревизија откри низа неправилности меѓу кои и дека државниот студентски дом во Тетово, во кој се вложени милиони евра, е пуштен во употреба без технички преглед и без дозвола за користење.
Сведок кој со посебни истражни мерки снимал корумпирани цариници обвинува дека идентитетот му бил откриен – Човекот кој пријавил корупција на Царината и учествувал во посебните истражни мерки за со прикриен идентитет да ги сними цариниците како му бараат и земаат мито во акцијата со кодно име Премин во која беа уапсени 16 цариници, обвинува дека обвинителките го предале и им го откриле неговиот идентитет на најмалку двајца од уапсените. Сведокот камионџија, кој инсистира на анонимност, вели дека со тоа му е загрозена безбедноста, затоа што сега обвинетите знаат кој ги пријавил и кој ги снимил. Тој минатата година пријавил дека цариници постојано му бараат мито, па истражителите му поставиле камери за да го сними барање и давањето мито. Во Обвинителството велат дека процедурите не биле нарушени и оти не е загрозена безбедноста на ниту еден сведок.
Потпис од 16 лекари кои не отстапуваат: Со парите што одат од Фондот за здравствено осигурување ќе изградевме нов клинички центар – Во документот на кој се потпишаа 16 кардиолози и кардиохирурзи од државните клиники, кој заедно со осумте досиеја на пациенти на кои им биле извршени кардио-операции на приватна клиника, ги доставија до Министерство за здравство и до ФЗО, стои дека тоа се случаи кај кои се констатирани „одредени неправилности во индикациите за оперативен третман“.Што значи тоа, прашавме некои од потписниците? Одговорот што ни беше проследен е краток и јасен: „Дека нема вистинска причина за операција, според медицината базирана на докази“. Тоа значи дека во овие осум случаи, според 16-те наши кардиохирурзи и кардиолози, непотребно биле извршени операции, а потоа истите биле наплатени од Фондот за здравствено осигурување. Овде не станува збор за стентирање за што ФЗО нема договор со приватните клиники, вели нашиот извор, туку за класични операции.
Секој трет граѓанин имал допир со корумпиран службеник – Секој трет граѓанин имал допир со корумпиран службеник, покажува истражувањето на Факултетот за безбедност. На научна конференција посветена на оваа тема беше укажано дека системската корупција претставува сериозна безбедносна закана, затоа што со инфилтрација на корупцијата во институциите, тие се парализираат. „Резултатите се фрапантни. Секој трет граѓанин или негов роднина имал допир со корумпиран службеник. Од тој аспект треба да имаме посеруиозен пристап кон ова прашање, како безбедносна закана за државата“, вели Јонче Ивановски, декан на Факултет за безбедност.
„БИСТРИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ СЕПТЕМВРИ 2025 ГОДИНА
„Сива зона“: Игра за млади за зголемување на свеста за корупцијата и неетичко однесување – Седум млади студенти од Македонија се автори на едукативната електронска игра „Сива зона“, наменета за средношколци, чија цел е да ја подигне свеста за корупцијата и последиците од неетичките одлуки. Од тимот се осврнуваат и на целите што сакаат да ги постигнат. “Младите се соочуваат со реални коруптивни ситуации. Се поттикнува критичко размислување, морална проценка и активна рефлексија на одлуките што ги носи секој играч – во процесот на играње на секој играч му се мери интегритет, репутација, време и пари. Се промовираат вредности како интегритет, чесност и отпор кон корупција. Се создава долготраен ресурс што ќе се користи во наставни и неформални едукативни средини”, се додава во соопштението.
Кривична пријава против шест вработени во ЈП „Национални Шуми“: со несовесно работење нанеле штета на буџетот на претпријатието од над 170.000 евра – Шест вработени во ЈП „Национални Шуми“, добија кривични пријави заради несовесно работење во службата и злоупотреба на службената положба и овластување, бидејќи нанеле штета на буџетот на претпријатието од над 170.000 евра. Вработените несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности, односно не извршиле теренска контрола.
Кривична за тројца полицајци за направена штета до два милиони денари – Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против тројца полициски службеници од Одделението за прекршоци при СВР Скопје. „Пријавените несовесно постапиле при вршење на своите овластувања и должности“, соопштија од МВР. Според обвинението, во периодот од 1 јануари 2022 до 31 декември 2023 година, тие примиле записници за сообраќајни прекршоци и прекршочни платни налози, но не постапиле во законски предвидениот рок од две години, согласно Законот за прекршоци.
СОЗР го објави бројот и електронската адреса за пријавување злоупотреби на службените возила – Директорот на Службата за општи и заединчки работи информира дека е во функција телефонски број на кој граѓаните ќе можат да пријавуваат случаи на незаконита, партиска или приватна употреба на службени возила. „Ги охрабрувам граѓаните да ги пријавуваат сомнежите за злоупотреби. Ние ќе ги препраќаме до надлежната институција, за да се пристапи кон истражување и потврдување на евентуална злоупотреба и преземање на соодветни казни”, изјави Томовски кој истовремено ги повика сите институции да направат рационализација на возниот парк. Бројот за пријавување е 070 399 050, а тоа може да се изврши и на електронската адреса prijavizloupotreba@sozr.gov.mk.
Транспаренси Интернешнл-Македонија