Во Македонија вчера од Србија пристигна втората пратка од осумте илјади вакцини од компанијата „Фајзер“, со кои се спроведува имунизацијата на здравствените работници.
До вчера се вакцинирани околу 1.500 здравствени работници. Во наредниве денови се очекува пристигнување и на 200.000 кинески вакцини, во март 20-30.000 вакцини преку КОВАКС механизмот и поголема доза од „Фајзер“, а Владата го доби и предлог договорот за набавка на 100.000 вакцини од Русија. Бројот на инфицирани со Ковид-19 надмина 100.000.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера, на граничниот премин Табановце ја пречека делегацијата предводена од неговиот српски колега Златибор Лончар, кој му ја предаде втората пратка од осумте илјади вакцини од компанијата „Фајзер“.
Двајцата министри истакнаа дека се исполнува она што го ветиле и го договориле претседателот Александар Вучиќ и премиерот Зоран Заев.
– Денеска донесовме 3.510 дози на вакцини за граѓаните на С. Македонија што заедно со првата пратка изнесува вкупно 8.190 дози, изјави вчера Лончар.
Министерот Филипче нагласи дека со добиените вакцини кај нас почна процесот на имунизација на здравствените работници и досега се вакцинирани околу 1500 здравствени работници со динамика од 250 – 300 на ден, која ќе продолжи и понатаму.
– Оваа количина вакцини ќе биде доволна да се вакцинираат сите здравствени работници во нашата земја кои се во приоритетната група за имунизација, а тоа се здравствените работници кои од почетокот на кризата работат со пациенти заболени од Ковид, рече Филипче заблагодарувајќи сè уште еднаш за овој чин на пријателство и добрососедство.
Првата пратка од Србија пристигна на 14 февруари, а на примопредавањето на донацијата од 4 680 вакцини присуствуваа премиерот Зоран Заев и српскиот претседателот Александар Вучиќ.
Во државата се очекува пристигнување и на 200.000 кинески вакцини. Освен вакцините на „Синофарм“, преку КОВАКС механизмот треба да пристигнат 20-30.000 вакцини до почетокот на март.
Владата вчера го добила драфт договорот за набавка на најавените 100.000 вакцини од Русија. Министерот Филипче информира дека сè уште траат преговорите со „Фајзер“, од каде што се очекува поголема пратка вакцини.
Согласно најавата од страна на компанијата „Фајзер“, Филипче потврди дека првата пратка требаше да стигне во февруари, но дека укажувањето сега од последните разговори е дека доцнењето е заради тоа што вкупното производство на компанијата е намалено со цел да ги надгради капацитетите за во текот на 2021 година. Тој ја очекува првата пратка на „Фајзер“ во март.
Додека тече набавката на вакцини, бројот на новозаразени кај нас почна да се зголемува. Министерот Филипче вчера изјави дека во овој момент се прави анализа на една серија во лабораторијата во МАНУ, од која резултатите се очекуваат следната недела, која треба да даде одговор и на зголемениот број случаи на ковид инфекции во последните неколку дена. Тој рече дека бројот на новозаразени најверојатно се должи на појавата на британскиот сој кај нас, непочитување на зашитните мерки и поголемата раздвиженост на граѓаните поради убавото време.
И покрај зголемениот број на инфицирани, Филипче рече дека сега засега нема да има дополнителни мерки, но и тоа не е исклучено.
Зголемување на бројот на инфицирани со коронавирусот покажаа и вчерашните резултати од тестирањата. Од направени 3.342 тестирања вчера беа регистрирани 725 нови случаи, починати 13 лица, а регистрирани 215 оздравени пациенти.
Најмногу активни има во Скопје-3153, Прилеп – 551, Кавадарци – 508, Охрид активни 434, Тетово – 259, Велес – 235, Куманово – 222. Во другите градови има под 200 активни случаи.
Досега во земјата се направени вкупно 509.720 тестирања на Ковид-19.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 100.632, бројката на оздравени пациенти е 90.311, на починати е 3.098, а бројот на активни случаи изнесува 7.223.
Вчера дојде информацијата од Охрид дека дел од лекарите и медицинскиот персонал од охридската специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Св. Стефан“ се заразени со британскиот сој на коронавирусот, што ја отежнува работата на институцијата.
Според информациите, состојбата во болницата е комплексна, но установата останува отворена за пациентите и итните случаи.
– Последниве денови сведоци сме на зголемен број на Ковид-19 позитивни во целата земја, а Охрид е еден од најпогодените градови. Веќе неколку недели сме помеѓу градовите со највисок број на активни случаи на број на жители во земјата, стои во вчерашното соопштението на Заводот.
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 655 и има околу 410 празни болнички кревети во ковид центрите.
Во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 414 пациенти, а во Скопје 251 лице.
Во ГОБ 8 Септември има вкупно 76 болни, а на Клиниката за инфективни болести лежат 88 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 23 пациенти. На ГАК има три хоспитализирани ковид позитивни пациентки.
Во скопксите болници има 97 слободни места. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имаат потреба од кислородна поддршка, стои во соопштението на МЗ.
Угостителите и организаторите на свадби вчера одржаа протест пред Владата, барајќи нови протоколи што ќе им овозможат да продолжат со организирање на прослави и соодветна помош од државата, при што нивни претставници се сретнаа со заменик премиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи.
Во разговорот со Битиќи тие посочија дека помошта што ја добиваат од државата не е доволна и дека бараат да им се дозволи работа по протоколи на а-ла-карт рестораните, бидејќи сметаат дека објектите се доволно безбедни за да почнат со работа.
Тој посочи дека угостителите се идентификувани како еден од најпогодените сектори во предложените економски мерки.
– Во ниедна мерка која е донесена угостителите не се исклучени, но јас немам доблест и храброст да одам против препораките на Комисијата за заразни болести. Сите треба да прифатиме дека секој треба на професионален начин да ја одработи својата задача. Треба да ја слушаме Комисијата и да и веруваме дека е најдобро за здравјето на граѓаните кога ќе укаже дека не е дојдено времето за олеснителни околности за работа, потенцира Битиќи.
Вчера беа регистрирани 490 прекршоци по однос на мерката за носење лична заштита на лице.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките и протоколите донесени од Владата со цел справување со Ковид 19.
Во светот досега се регистрирани 113 милиони инфицирани со САРС-КоВ-2, починати 2,5 милиони и оздравени 88,5 милиони.
Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), во периодот од 15 до 21 февруари смртноста во светот од Ковид-19 е намалена за 20 отсто во однос на претходниот еднонеделен просек.
Тенденцијата на намалување на смртноста трае веќе шест недели по ред, се наведува во редовниот неделен извештај на СЗО.
Одделот на „Синофарм“ во Институтот за биолошки производи во Вухан вчера ја информира јавноста дека нејзината вакцина против Ковид-19 според првичните анализи, во третата фаза од клиничките испитувања се покажала ефикасна во 72,51 проценти од случаите со коронавирус.
Британските медиуми јавуваат дека оваа кинеска компанија веќе ја доставила официјалната апликација до националната администрација за медицински помагала за одобрување за јавна употреба на нејзината вакцина, се наведува во соопштението на „Синофарм“ објавено на нејзината веб-страница.
Јужноафриканскиот сој на коронавирусот е потврден кај седум лица во градот Винернеурдоф, близу Виена. По првпат, јужноафриканската мутација е потврдена на територијата на провинцијата Долна Австрија.
Сите заразени лица се од Винер Нојдорф и веќе се излекувани, но сепак и натаму се во изолација.
Тие, како што беше најавено, ќе треба да подлежат на уште еден ПЦР-тест за да се утврди дека се целосно оздравени.
Претходно во Австрија беше откриена и позаразната мутација, првпат откриена во Велика Британија.