Американската војска собори летечки објект над езерото Хјурон долж границата со Канада, соопштија денеска американските власти, што е трет таков инцидент во три дена и една недела откако кинески балон беше соборен над САД.

Неименувани функционери рекоа дека војската го соборила објектот, но одбија да кажат дали наликувал на големиот бел кинески балон соборен претходно овој месец.

Во меѓувреме, канадските истражители ги бараат остатоците од летечкиот објект што во саботата беше соборен од американски борбен авион над канадска територија.

-Тимови на истражители се на терен, се обидуваат да го пронајдат и анализираат објектот, изјави вчера канадскиот премиер Џастин Трудо. Тој не кажа за што станува збор, само дека „претставува соодветна безбедносна закана за цивилната авијација“. – Безбедноста на граѓаните е наш врвен приоритет и затоа донесов одлука да го соборам неидентификуваниот објект, додаде тој.

Северна Америка е во состојба на висока готовност поради нарушување на воздушниот простор откако кинески балон се појави над САД на почетокот на овој месец. Кина негира дека бил користен за шпионажа и вели дека е цивилно истражувачко летало и ги осуди САД што го собориле минатата сабота.

Најмалку два други летечки објекти беа соборени над Северна Америка во текот на викендот, па воените и разузнавачките служби се фокусираа на можни воздушни закани.

Шефот на мнозинството во американскиот Сенат, Чак Шумер, изјави за телевизијата Еј-Би-Си дека американските власти веруваат дека двата летечки објекти, од кои првиот беше соборен над замрзнатото море во северна Алјаска во петокот, а вториот над Јукон во саботата, се балони. – Тие веруваат дека имало (балони), да, но многу помали од првиот, рече Шумер, а Белата куќа само рече дека неодамна соборените објекти „не наликуваат многу на“ кинескиот балон.

Висок американски функционер рече дека објектот има октогонална структура без видлива носивост. Нема индикации дека локацијата претставувала воена закана или дека можеби била користена за шпионажа.

По соборувањето на третиот објект, над езерото Хјурон, американскиот генерал Глен Ванхурк, кој ја надгледува контролата на северноамериканскиот воздушен простор, ја коментираше можноста тие да се од вонземско потекло. Прашан дали ја отфрла можноста за вонземско потекло за трите воздушни објекти соборени од американски воени авиони во рок од неколку дена, генералот Глен Ванхурк рече: „Ќе дозволам разузнавачката заедница и контраразузнавачката заедница да го откријат тоа. Ништо не исклучувам“.

– Во овој момент, продолжуваме да ја проценуваме секоја непозната закана или потенцијална закана што се приближува до Северна Америка, обидувајќи се да ја идентификуваме, рече Ванхурк, шеф на северноамериканската воздушна команда (НОРАД) и Северната команда на САД.