Донесена е одлука за зголемување на бројот на припадници кои ќе помагаат во спасувањето со пожарите.
Директорот на Центарот за управување со кризи информира дека рано утрово претседателката Гордана Сиљановска Давкова потпишала указ со кој се доделуваат 300 припадници на АРМ како помош со справувањето со пожарите. Се зголемува и бројот за дополнителни 30 припадници на МВР кои исто така ќе помагаат во гаснењето.
Сиљановска Давкова напладне ќе ги посети припадниците на АРМ кои помагаат во гаснењето на пожарот на планината Серта во неготинскиот дел.
Ангелов информира и дека дел од екипажот се чувствува преморено и поради строгите правила не полетале утрово.
-Има ситни дефекти кај воздухопловите и странски и наши на чие отстранување се работи, по што ќе полетаат подоцна. Хрватскиот канадер покажа одредени слабости кои се отстранети и тој е упатен кон пожарот во Сирково заедно со еден хеликоптер на МВР и трите Ер трактори на ДЗС, вели директорот на ЦУК.
Српски хеликоптер кој носи пет тона вода го гасне пожарот кај Радовиш, за кој Ангелов информира дека е под целосна контрола. Во Општина Чашка кај Јаболчиште се упатени хеликопетер на МВР и црногорски хеликоптер. Романскиот авион „Спартан“ ќе испушта водни бомби кај пожарот кај Лисец.
Утринава, според информациите од ЦУК, активни се 13 пожари.