Пет пожари од вкупно 14 регистрирани на отворен простор денеска до 13 часот, се сè уште активни. Еден е ставен под контрола, а останатите се изгаснати, соопштија од Центарот за управување со кризи.
Првиот активен пожар е на територија на општините Студеничани и Зелениково.
– Во регионот на селата Моране, Вртекица и Рамни Габер во општина Студеничани, со крак кон село Палиград и село Вражале во општина Зелениково, гори мешана шума – појаснија од ЦУК.
Ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки горат во општина Македонски Брод – село Драгов Дол, место викано „Видуш“ и кај село Локвица.
Во општина Илинден, кај логистичкиот центар на „КАМ“, гори ниска вегетација. Четвртиот активен пожар е, исто така, во оваа општина, кај село Бујковци, ниска вегетација и таму е опожарена.
Шума гори во општина Сарај во регионот на село Бојане.
Пожарот ставен под контрола е во подрачјето на општина Кичево. Во регионот на село Тајмиште, место викано „Дарда“, опожарена била високостеблеста букова шума.
Изгаснатите пожари биле на територија на општините Василево, Врапчиште, Делчево, Јегуновце, Куманово, Струмица, како и два во гостиварскиот регион.
Фото: архива




