Жителите на Општина Битола активно се вклучуваат во креирањето на општинскиот буџет за 2027 година. На денешната втора форумска сесија граѓаните имаа можност да ги изнесат своите предлози, идеи и приоритети за проектите што сметаат дека треба да бидат реализирани во наредната година.
Меѓу предлозите што беа дискутирани се уредувањето на Старата чаршија, инвестициите во инфраструктурата, подобрувањето на патната инфраструктура и чистењето на каналите во населените места. Посебно беа истакнати потребите за санација на патот кон Долно Оризари и патот во Поешево, како и отворање Центар за средно образование за лица со попреченост.
На форумот се разговараше и за сообраќајната студија, како и за подготовката на Генералниот урбанистички план, кој е во фаза на изработка.
Од Општина Битола посочуваат дека ваквите форуми се важен механизам за вклучување на граѓаните во носењето одлуки, транспарентно планирање и отчетно трошење на јавните средства.
Целта е да се креира буџет што ќе одговори на реалните потреби на битолчани. По завршувањето на административните процедури, предлог-буџетот ќе биде разгледан на комисиска расправа, а потоа и на седница на Советот на Општина Битола.
Општина Битола петта година по ред го организира Буџетскиот форум, со цел граѓаните директно да учествуваат во утврдувањето на приоритетите за развој на општината.




