Бизарна сообраќајка синоќа се случила на автопатот Скопје – Тетово кога автобус удрил во стадо крави кое се движело по коловозот, објави ТВ21.
Нема информации за повредени луѓе во несреќата, освен материјална штета и повредени животни. Сообраќајката синоќа предизвика застој во сообраќајот и долги колони од возила на автопатот.
На видеото што го објави ТВ21 може да се видат оштетениот автобус со скршено ветробранско стакло и крава која лежи на асфалтот, очигледно повредена, како и крави кои не го преживеале судирот.
АМСМ синоќа извести дека сообраќајот беше пренасочуван по стариот пат од Скопје кон Тетово поради сообраќајката.
Подоцна МВР соопшти дека несреќата се случила околу 18:30 часот, кога автобусот со тетовски регистарски таблички, како и два автомобила – со скопски таблички, удриле во кравите.
Подолг период возачи и граѓани на социјалните мрежи предупредуваат дека домашни животни се пуштаат слободно да се движат на автопатот меѓу Скопје и Тетово. Како и тоа дека се оштетува заштитната ограда на автопатот, каде потоа влегуваат и кучиња скитници, како и други животни.
Видеото на ТВ21 може да го отворите ТУКА.
Фото: ТВ21