Епидемиолошката состојба со Ковид-19 и вчера слична на претходните денови. Бројот на починати останува околу 30 дневно, но има мал пад на бројот на новозаразени.
Вчера беа регистрирани 256 случаи на Ковид-19 од 2.778 тестирања или околу девет проценти, што е за еден процент помалку од изминатите денови. Меѓу 31 починат за претходното деноноќие, повторно евидентирано младо лице. Се работи за 18-годишник од Гевгелија. Вчера беа регистрирани и 545 оздравени пациенти.
Досега во земјата се направени вкупно 1.206.597 тестирање на Ковид-19.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 181.875, бројката на оздравени пациенти е 162.060, на починати е 6.184, а бројот на активни случаи во моментов е 13.631.
Според епидемиолошки анализи, најголем број активни случаи има во Скопје – 5919, следи Тетово со 1283, Куманово – 883, Гостивар – 789, Струга – 613, Струмица – 576, Охрид – 550 и Кичево – 522. Во другите градови има помалку од 500 заразени, а во Демир Капија во моментов има само еден позитивен случај.
Според последните информации од Министерството објавени завчера, на вакциналните пунктови во државата и на терен, вакцинирани се околу 750 илјади граѓани.
Во државата вкупно се аплицирани над 1,3 милиони дози вакцини, а ревакцинирани се околу 590 илјади граѓани.
Околу 54 отсто од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина, а тој процент кај лицата над 18 до 39 години е 29.
Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Децата од 12 до 18 годишна возраст се вакцинираат со согласност од родител.
Надлежните повторно посочуваат дека вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата.
– Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста се намалува шансата од заболување како и смртен исход од истата, информираат од Министерството.
Надлежните внимателно ја следат епидемиолошката состојба во училиштата.
Во Куманово вкупно 30 ученици и девет наставници се заразени од коронавирусот од почетокот на учебната година до вчера, информираа надлежните од секторот за образование од општината. Тие оценија дека сегашната состојба е стабилна, бидејќи има 21 основно и средно училиште. Вирусот не се шири по училиштата, туку учениците и професорите имале позитивни членови во семејствата. Заболени има во различни училишта и во основните и средните.
Според податоците, во Куманово има 14.807 ученици, а вкупно вработени се 1.720 лица.
Четворица ученици од штипските основни и средни училишта позитивни на коронавирусот, информира Марија Димитрова, директорка на Центарот за јавно здравје-Штип. Станува збор за двајца ученици од Општинското основно училиште „Ванчо Прќе“ и по еден од средното електро машинско училиште (СОУ) „Коле Нехтенин“ и средното медицинско училиште (СОУ) „Јане Сандански“.
Во изолација дополнително заминуваат 20 ученици. Претходните денови со стартот на учебната година во изолација имаше 53 ученици. Бројката на изолирани ученици во штипските основни и средни училишта досега е 73. Од почетокот на учебната година се до денеска регистрирани се осум ученици кои се позитивни на коронавирусот и тројца наставници од основните и средни училишта.
По една недела онлајн настава поради состојбата со Ковид-19 во Кичево, учениците од кичевските средни училишта повторно седнаа во училишните клупи.
Во текот на завчерашниот ден од Министерството за образование пристигна допис дека се исполнети условите учениците да ја продолжат наставата со физичко присуство.
Теренска ревакцинација против коронавирусот Ковид-19 и денеска ќе се одвива во Демир Капија, информираат од ЈЗУ Здравствен дом „Неготино”.
– Вакцинирањето ќе се одвива од 8:00 до 13:00 часот во спортската сала во училиштето „Димката Ангелов – Габерот“. Вакцинацијата е единствен начин да се заштитиме и да се вратиме целосно во нормала, нешто што сите го посакуваме, велат од неготинската болница.